Македонија: Матурантите подобро ги познаваат странските одошто мајчиниот јазик

  • Соња Трајковска
Ова го покажале резултатите на државната матура годинава, каде просечната оценка по мајчин јазик и литература е 2,99, додека по странски јазик – 3.43.

Речиси 18.000 матуранти кои годинава ја полагаа државната матура, единствено подобро од странските јазици ги познаваат филозофијата, етиката и физиката.

„Зошто успехот по мајчин јазик е понизок од англискиот има неколку причини. Процесот на екстерно оценување и процесот на државна матура не е само да ги провериме реалните оценки туку и да настојуваме да ги елиминираме слабостите во системот. Се надевам дека и наставниците и учениците и министерството за образование и наука во иднина ќе преземат чекори овој процес да биде поквалитетен“, вели министерот за образование Абдулаќим Адеми.

На испитот по мајчин јазик (македонски, турски, албански јазик) матурантите најмногу добиле тројки, а најслабо со мајчиниот стојат учениците кои ја следат наставата на македонски. Но, затоа, тестовите по англиски, француски, германски и руски јазик покажале сосема солидни познавања, бидејќи најголем дел од матурантите „заработиле“ четворки. Најдобар просек кај јазици, односно најмногу „петки“ има на тестовите по англиски јазик.

Седма година по ред во Македонија се спроведува државната матура и секоја година надлежните се соочуваат со ваквата слика. Причините за поразителните резултати по мајчин јазик, филолозите и лингвистите ги гледаат во недостатоците во образовниот систем, како што се неатрактивната и застарена наставна програма, но и масовната употреба на англискиот јазик и шансата за напредок надвор од државата што ја дава познавањето странски јазици.

„Сметам дека проблем постои на повеќе нивоа. Првиот, и основен, е во навиката на луѓето да не се грижат за сопствениот јазик, што полека преминува во став. Многу пати ги имам слушнато фразите „важна е содржината“ или „важно е да се разбереме“, што е навистина вознемирувачки. Второто ниво е образовното. Самите наставници кои предаваат македонски јазик во училиштата не водат грижа за овој предмет. Многумина сметаат дека граматиката е здодевна и сувопарна, но јас, со сигурност можам да кажам дека тоа најмногу зависи од самиот наставник. Македонскиот јазик е толку богат и толку интересен за изучување, што едноставно е штетата да му се обрнува толку малку внимание“, вели Емил Ниами, доктор по филолошки науки и славист.

Ниами, кој како лектор по македонски јазик има работено надвор од земјава, тука го истакнува и влијанието на медиумите, негрижата на општеството, но и на поединците, во стилот: „Јазикот со кој си роден не треба да се учи“.

„Денес сме сведоци на секојдневно појавување на нови портали, весници и слично. Проблемот е во тоа што во овие медиуми работат луѓе кои малку го познаваат македонскиот јазик. Сепак, мораме да признаеме дека еден новинар кој ги завршил интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се претпоставува дека има големи познавања од македонскиот јазик, зашто според програмата на овој предмет му е посветено големо внимание. Тука, секако, се и телевизиите, на кои водителите зборуваат не само на разговорен, туку и на уличен јазик. Најпосле, тука е и негрижата од страна на општеството, поточно од страна на институциите, кои не го спроведуваат на дело законот за употреба на македонскиот јазик. Кога ќе ги земете предвид сиве овие фактори, сосема е јасно зошто се послаби резултатите по македонски, наспроти оние по странски јазик. Тука секако е и фактот што сите мислат дека јазикот со кој се родени не треба да се учи, што е многу погрешен приод. Се плашам дека со вакви резултати и со ваква негрижа кон македонскиот јазик, може да се случи тој да ја изгуби својата форма, а литературниот јазик да остане запишан единствено во литературата од минатиот век“, истакнува Ниами.

Дел од одговорноста за ваквата состојба имаат и институците кои секоја година по ваквите резултати ветуваат дека ќе ги откријат причините.

„Не би излегла со констатација дека учениците не го знаат добро мајчиниот јазик, туку треба да се направат анализи и да се види што предизвикало да имаме такви бројки“, изјави директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ во 2008- та година, кога првпат беше спроведена државната матура и кога за првпат надлежните се соочија со соочија со фактот дека познавањата на англискиот јазик кај матурантите се на повисоко ниво одошто на мајчиниот. Седум години подоцна, пред неколку дена, тоа лично го призна министерот за образование и повторно вети дека нешто ќе биде преземено.