Карзаи го прифатил пребројувањето на гласовите „само заради политичката состојба во која е Авганистан“

Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка, авганистанскиот претседател го спореди договорот постигнат со медијаторство на САД со „горчливо апче“

Во ексклузивно интервју за Авганистанскиот сервис на Гласот на Америка, претседателот Хамид Карзаи кажа дека не го поздравил договорот, но дека го прифатил како „горчливо апче“ заради сегашната политичка ситуација во Авганистан.

„Јас го прифатив зашто сакав да минеме брзо низ оваа фаза бидејќи изборите траат веќе долго време во оваа држава. Ниедна земја во светот нема толку долг изборен процес и ова исто така мора да биде поправено. Авганистанскиот народ чека, многу нестрпливо, да го добие нивниот нов претседател“, кажа Карзаи.

Тензиите во државата се високи откако претседателските кандидати Абдула Абдула и Ашраф Гхани тврделе дека победиле во вториот круг на изборите на 14-ти јуни, да го заменат Карзаи.

Поранешниот авганистански министер за надворешни работи Абдула ги отфрли резултатите што го ставија Гхани пред него со победа од милион гласови, како лажирани. Тој го обвини Гхани, изборните власти и претседателот Карзаи за работење против него.

Американскиот државен секретар Џон Кери отпатува во Кабул за разговори со двајцата претседателски кандидати на 12-ти јули и двајцата се согласија на ревизија на осумте милиони гласови со надзор на ОН.

Според договорот, новиот претседател веднаш ќе формира влада на национално единство.

Претседателот Карзаи за Гласот на Америка кажа дека ја поздравува идејата за влада на единство, велејќи дека луѓето треба да се видат себе си во нивната влада.

Карзаи кажа дека институции како армијата и судството треба да бидат заштитени од политичка интервенција.