Обама или Ромни - тежок избор

Последна серија на истражувања на јавно мислење во САД покажува дека трката меѓу двајцата кандидати е исклучително тесна.
Ново истражување на Универзитетот Квинипек на претседателот Обама му дава тесно водство над Мит Ромни, 46 спрема 43 проценти. Ова доаѓа по истражувањето на Вашингтон Пост и ЕјБиСи Њуз, што покажа изедначена трка каде секој има поддршка од 47 проценти.

Ромни во средата зборуваше пред членови на водечка организација за граѓански права на афро-Американци, каде кажа дека е подобар избор од претседателот Обама за да ја поправи економијата и да ја намали невработеноста меѓу африканските Американци, што е 14,4 проценти, далеку над националниот просек од 8,2 проценти.

Со помалку од четири месеци до Денот на изборите, двајцата кандидати ја засилуваат кампањата, особено во десетина држави кои се очекува да бидат одлучувачки за победа во ноември.

Претседателот Обама на гласачи во Ајова неделава им кажа дека републиканците се жалат на неговата политика, но нудат малку специфични планови за справување со невработеноста, за економски растеж и за намалување на дефицитот.

Најновото истражување на Квинипек покажа дека претседателот има мала предност и покрај фактот што мнозинството на анкетираните не го одобруваат начинот на кој Обама се справува со економијата.

Питер Браун е од Истражувачкиот институт на Квинипек. Тој вели дека предноста за претседателот е мала, 46 спрема 43 проценти, што е малку надвор од маргината на грешка и иако претседателот би сакал поголема разлика, изборите, се чини, ќе бидат многу тесни.

Тој сепак додава дека Американците, без оглед за кого се, имаат прилично фиксирано мислење за претседателот. „Или го сакаат, или не го сакаат“, вели тој. „Со Ромни е помалку јасно. Тоа што сега се случува е трка за дефинирање на Мит Ромни за американскиот гласач и кампањата што најдобро ќе го дефинира Мит Ромни, ќе победи.“