Дали последните примери за итно преземени чекори на актуелната власт под притисок на јавноста се илустрација за изострениот слух за барањата на граѓаните или за ново спинување и забошотување на проблемите?
Со 76 гласа „за“ и еден „воздржан“, Собранието конечно ги усвои измените на Законот за пратеници со кои пратениците, ќе добиваат понизок износ за патни трошоци, кои им беа „трн во око“ на илјадници граѓани, особено на посиромашните...
Веднаш по скандалот на лидерската средба кога службата за информации на Владата им забранила на фоторепортерите и снимателите да ги снимаат лидерите, а тие, во знак на протест ги оставиле камерите на земја, и ја предизвикале реакцијата на посебниот советник за односи со јавност на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец, кој им дофрлил: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите!“, за што самиот Забрчанец изрази жалење. И, се фотографираше прегрнат со дел од фоторепортерите, со што беше спречен евентуалниот понатамошен бојкот.
Но, и покрај редовните ПР-активности на власта, особено на Фејсбук и Твитер, серијата контроверзни случаи поврзани со Владата во последните две недели, повторно го отвори прашањето за отчетноста, транспарентноста и односот кон јавноста на носителите на власта.
„Нема да побарам сигурно оставки затоа што се повлекоа. Прво, не го кршат ниту законот, зашто да побараме оставки? Ако така ние бараме оставки, после ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“, изјави премиерот Зоран Заев, за моралната и политичка одговорност на функционерите кои имаат удел во сопственоста на компании што добија грантови од Фондот за иновации во вредност од 10 милиони евра. По објавувањето на одлуката на Фондот, и реакциите на граѓаните, Заев најави дека дека ќе бидат преиспитани сите сомнителни процеси, но, потоа изјави: „Мене ми требаат овие функционери, јас работам со нив, ги знам нивните капацитети и, драго ми е што вака реагираат, да се повлечат од такви апликации за да остават фер шанса при одлучувањето на сите други компании во Македонија“.
Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, им даде рок од 15 дена на компаниите што добиле грант, а чии сопственици се функционери, да се изјаснат, и најави дека нивните апликации повторно ќе се разгледуваат за да се утврди дали има конфликт на интереси. „Мојата вина и вина на Владата е во тоа што се охрабрила да воведе нешто што функционира во западните земји. Признавам може да има грешка, но да учиме од грешките. Ја разбирам реакцијата на јавноста, бидејќи системот во 11 години се злоупотребувал и имам потполно разбирање“, рече Деспотовски.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, веднаш соопшти дека неговата компанија „Брако“ и компанијата „Каст Инвест“, во која поседува 16 проценти од капиталот, иако нема законски пречки, се откажуваат од грантот од Фондот за иновации и технолошки развој и од финансиската поддршка, како и дека поради неговата функција во Владата, фирмите ќе бидат дискриминирани во однос на останатите компании, но потенцираше дека „ниту помислил, ниту влијаел на одлуката некоја од компаниите да добие државна поддршка“. И пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, чија печатница добила грант од Фондот, изјави дека апликацијата се повлекува. Откако беше соопштено дека фирмата на нејзината снаа за син, добила грант 330.000 евра за проект за информатичка технологија, Цветанка Ласкова напиша дека како советник за култура на премиерот, немала „никаков пристап во креирање на економските политики на Владата од ниту еден аспект, а најмалку во доделување на државната помош...“. И, таа потенцираше дека не била вклучена во професионалните ангажмани на членовите на нејзиното семејство и ги повика надлежните институции, да се изјаснат за нарушување на процедурите или конфликт на интерес
Но, ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство за гонење на дела од областа на организиран криминал да ги повика на распит „функционерите инволвирани во скандалот со грантови од Фондот“, расветлување на случајот со поништениот тендер на Министерството за здравство за набавка на реагенси вреден 35 милиони евра, оставки на директорот на Фондот, министерот и засегнатите функционери. „Граѓаните очекуваат одговор дали се сослушани Филипче, Анѓушев, Ласкова, Локвенец и Деспотовски? Кој влијаел и кој одлучил 45 милиони евра на граѓаните да се делат на фирми блиски до функционерите на СДСМ? Кој премолчил за конфликтот на интереси?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
До 2017-та улогите беа променети, а реакциите поинакви. Единаесетте години владеење на ВМРО-ДПМНЕ ги одбележа отсуство на отчетност, непостоење на транспарентност и понижување на медиумите и на јавноста од носителите на функции, пред сé, во извршната власт. Разликите меѓу разните кабинети на Никола Груевски и Емил Димитров кој го наследи, беа главно во нијансите на голема или уште поголема затвореност на сите извори и непристапност до информациите. Законите се заобиколуваа но, со поставени „демократски“ кулиси, навистина се организираше и ден за пратенички прашања во парламентот и „отворен ден“ во Владата, на кој главно селектирани граѓани, поддржувачи на владеачката партија, покрај статуите од проектот „Скопје 2014“ на црвен тепих влегуваа во објектот и можеа да видат во живо некој од министрите, и нешто и да ги прашаат. За разлика од нив, новинарите поретко имаа таква шанса. Портпаролите премногу често не одговараа на мобилните телефони и бараа да им се пишуваат СМС пораки со теми на кои новинарите би сакале да разговараат со министрите, за да одговорат – главно негативно, најчесто поради презафатеност на функционерите кои официјално „остваруваа„ - 24/7, на прес-конференциите се избегнуваа одговори на прашања, а премиерот со години се појавуваше само на строго контролираните медиуми, на режирани интервјуа, со однапред договорени прашања и одговори...
Токму затоа, ветувањата на СДСМ како опозиција, особено за време на протестите на „Шарената револуција“, дека со преземањето на власта, граѓаните ќе бидат вклучени во процесите на донесување на одлуките и најтранспарентно информирани за сé што се случува во државата, беа прифатени од пошироката јавност како лек на рана. Но, иако новата Влада, официјално, има и министер за транспарентност и отчетност, и двајца портпароли, а премиерот има советник за односи со јавноста, и иако медиумите и дописниците се секојдневно „бомбардирани“ со соопштенија за актвностите на Владата и на министрите, извештаи од средби, со фотографии и видео-материјали, кои ги подготвуваат одделите за јавност во секое министерство, ветувањата како да се трансформираат во нов екстрем - со слична цел: избегнување на отворена комуникација со новинарите и граѓаните и конкретни одговори на конкретните прашања околу сé побројните спорни случаи и афери. А, премиерот Зоран Заев е опкружен со 56 посебни и обични советници, поголем дел од нив - надворешни, ангажирани според стручноста во одредена област, а меѓу нив има и поранешни новинари, твитерџии, познати имиња од социјалните мрежи...
Професорката д-р Мирјана Најчевска, за Гласот на Америка на македонски јазик, на прашањето за разликите во односот кон јавноста на владите на Груевски и актуелната Влада на Заев, изјави:
„Според мене, многу е погрешно тврдењето дека претходната власт ја игнорираше јавноста. Претходната власт имаше една од најразработените машинерии за односи со јавноста, користеше широк дијапазон на стари (веќе испробани) и најнови методи на манипулација со јавноста, и, изгради систем на привидно влијание на јавноста врз власта (преку активности како отворени денови со Владата, ден на граѓански иницијативи, соработка со конкретни здруженија на граѓани ...).
Ова значи дека постоењето на гломазна машинерија за односи со јавноста во случајот на актуелната Влада, само по себе, воопшто не е вртење на нов лист, или некоја битна промена на односот кон јавноста, туку повеќе прифаќање на веќе разработен начин на себепромоција и себезаштита“.
Деновив, имаше и обиди во дел од провладините медиуми, последните случаи и брзите (изнудени или искрени) одговори и постапки на дел од функционерите, да се претстават како транспарентно преземање одговорност по жестоките реакции во медиумите и на социјалните мрежи.
Според професорката Најчевска, сепак, се работи само за „привид на суштинска промена“.
„Како ново скалило во односот со јавноста може да се перцепира реактивноста на власта на јавниот притисок (оставки на членовите на ДИК, повлекување на одредени грантови, намалување на паните трошоци на пратениците, ...). Меѓутоа, според мене, ова е само привид на суштинска промена.
Прво, големиот број случаи во кои е направен притисок од страна на јавноста, не може сам по себе, да се земе како позитивен индикатор. Имено, самото постоење на толкав голем број случаи зборува дека институциите кои би требало да вршат контрола не си ја вршат работата. Притисокот на јавноста како орудие на контрола, треба да биде редок, инцидентен, а остварувањето на контролната улога на институциите, треба да биде редовна и континуирана. Со други зборови, во одреден момент јавноста ќе се измори!
Второ, притисокот на јавноста не може да доведе до суштински промени. Тој е само показател дека нешто не е како што треба. Тоа е иницијална каписла. Меѓутоа, во најголем број случаи, се завршува со прво ниво на реакција - без вистинска разрешница. На пример, во врска со индицираната корупција на членовите на ДИК, не е доволна нивната оставка. Соодветна реакција (второ ниво на реакција) би била поведување постапка за утврдување на корупција и доколку бидат презентирани доволни докази, судска разрешница. Третото ниво на реакција би било градење на таков систем од критериуми кои би оневозможил за членови на ДИК да бидат избрани луѓе за кои веќе постои сомнение дека се вмешани во коруптивни скандали.
Трето, секој властодржец (па и овој актуелниот), лесно паѓа во стапицата на потценување на јавноста. Тоа најлесно се гледа во паушалните, противречни, контроверзни, неаргументирани изјави кои создаваат непријатно чувство на манипулација, или едноставно, непочитување на здравиот разум на граѓаните“, изјави Најчевска за Гласот на Америка на македонски јазик.
Таа, потенцира и дека „без вистинска деконструкција и демонтажа на претходниот систем (кој е вграден во нормативата, во институциите и во праксата на однесување) промената не може да биде суштинска. Тоа не значи дека нема промена! Промена има, меѓутоа таа е и мала, и недоволна и е поставена на стаклени нозе кои лесно можат да бидат скршени!“.
Facebook Forum