Унгарија, Полска и Словачка го забранија увозот на украинското жито и други прехранбени производи, бидејќи тоа негативно се одразувало врз нивните земјоделци, што го натера Киев да поднесе жалба до Светската трговска организација.
„Процесот започнува со 60-дневни консултации во кои страните во основа имаат време да дојдат до взаемно прифатливо решение за спорот. Тоа е малку веројатно со оглед на фактот што претстојат избори во Словачка и Полска“, вели Дејвид Клејман, експерт за трговија.
Руската инвазија на Украина минатата година пресече многу од извозните патишта на Киев.
По ова, Европската унија понуди алтернативни копнени патишта до глобалните пазари - она што ЕУ го нарекува „патеки на солидарност“.
„Европската Унија се соочува со ситуација без преседан, со многу конкурентни цени на пченицата која пристигнува на овие пазари, која првично не била наменета за нив“, истакнува Олја Тајеб Шериф од „Фондација фарма“.
Земјоделците во соседните европски држави организираа протести, тврдејќи дека украинската храна се фрла на локалните пазари.
„Во продавниците има неквалитетни, поевтини производи од нашите. Имаме многу високи трошоци за производство на квалитетно месо и млеко. Работиме со загуба и затоа се повлекуваме“, смета Васил Џоргов, земјоделец од Бугарија.
ЕУ на земјоделците им понуди компензација и воведе привремени ограничувања на увозот на украинските прехранбени производи во мај. Кога мерките истекоа на 15 септември, Унгарија, Полска и Словачка воведоа свои унилатерални забрани. Хрватска, исто така, во вторникот рече дека ќе дозволи само транзит на украинско жито. Европските сојузници силно ги критикуваа нивните постапки.
„Украина е под агресивен напад од Русија. И затоа треба да разбереме дека овде треба да ја видиме поголемата слика и да ги поддржиме овие солидарни патеки, а исто така да ја поддржиме можноста Украина да го извезува своето жито“, објаснува Сари Есајах, Министерка за земјоделство на Финска.
Во меѓувреме, европската комисија ѝ порача на Украина да воведе таканаречено „доброволно ограничување на извозот“ - бидејќи се обидува да ги убеди земјите-членки од Источна Европа да ги отстранат забраните за увоз.
Изборите во Словачка се закажани на 30 септември. Во Полска, пак, изборите ќе се одржат на 15 октомври. Европската унија - и Украина - се надеваат дека политичкото расположение ќе се смени по изборите.