Линкови за пристапност

За 30 години САД вложиле 561 милион долари во Северна Македонија


Лидерите мора да покажат вистинска посветеност за независност на судската власт и за отстранување на политичкото влијание од судството. До сега не видовме доволен напредок на тој фронт, посочуваат од амбасадата на САД
Лидерите мора да покажат вистинска посветеност за независност на судската власт и за отстранување на политичкото влијание од судството. До сега не видовме доволен напредок на тој фронт, посочуваат од амбасадата на САД

Амбасадата на САД поддржува различни проекти и програми фокусирани на изградба на систем на добро владеење и транспарентен, ефикасен и независен правосуден сектор. Посебен акцент притоа се става на зацврстување на институциите за борба против корупцијата, велат од Амбасадата

Покрај директни инвестиции во македонската економија, Соединетите американски држави ги поддржуваат демократските процеси и доброто владеење во Северна Македонија, и особено независноста на судството во државата.

Американската амбасада во Скопје проценува дека поддршката во овие области во изминатите триесет години е 561 милиони американски долари:

„Амбасадата на САД поддржува различни проекти и програми фокусирани на изградба на систем на добро владеење и транспарентен, ефикасен и независен правосуден сектор. Посебен акцент притоа се става на зацврстување на институциите за борба против корупцијата. Овие активности се вршат во координација со вицепремиерот за добро владеење, министерствата за правда, внатрешни работи и финансии и други државни и локални институции, вклучително и граѓански организации“, велат од Амбасадата.

Уште од самото осамостојување на земјата, преку многубројни програми за техничка и експертска помош, САД инвестираат во развој на капацитетите на македонското судство. Тука се вклучени обуки за судии, обвинители, адвокати и полициски службеници, со цел да одговорат на меѓународно прифатените стандарди за професионално, ефикасно и транспарентно извршување на нивните општествени ролји. Амбасадата на САД помогнала во опремување и дигитализирање во правосудниот систем. Претставени се нови платформи и обезбедена е современа аудио-визуелна опрема за 186 судници во сите 34 судови.

Ова е раководителот на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи или ИКТ:

„Се опремија пет судници со комплетна дигитална опрема, за аудио и видео снимање, како и со опрема за онлајн судење. Со поддршка на Амбасадата, Основниот суд во Кавадарци доби три целосно дигитално опремени судници кои овозможуваат онлајн судење. Исто така, со помош на Амбасадата на САД, целосно е опремена судницата и во Идризово, како една од најголемите судници за кривични предмети во регионот, која ќе биде искористена за судење на предмети од организираниот криминал“, вели Лазар Нанев, раководител во ИКТ.

А, тоа се верува дека ќе поттикне повисоко ниво на ефикасност, ажурност и брзина во постапките.

„Ваквата помош ќе биде од огромно значење за целиот правосуден систем, а за граѓаните ќе овозможи брз пристап, еднаквост до правдата“, додава Нанев.

Во меѓувреме со американска помош се работи и на дигитализација на Јавното обвинителство и на Државното правобранителство.

„Процесот на дигитализација најпрво ќе овозможи потранспарентен систем преку објавување на одлуките. Судовите веќе издаваат одредени електронски документи, но со зголемување на бројот на овие електронски документи, кои што ќе бидат издавани од страна на судовите ќе се зголеми довербата во судството во нашата држава“, дополнува Нанев.

Последната анкета на ИРИ покажа дека само 4 проценти од македонските граѓани му веруваат на македонското судство. На нашето прашање што треба да се направи за да се подобри оваа перцепција, од Амбасадата на САД велат:

„Очекуваме инвестицијата по значителната поддршка што му ја дадовме на правосудниот сектор да донесе резултат. Сепак, меѓународните партнери не се тие што можат да ја вратат вербата на граѓаните во нивните домашни институции. Раководството на Северна Македонија мора да биде креатор на позитивни промени. Лидерите мора да покажат вистинска посветеност за независност на судската власт и за отстранување на политичкото влијание од судството. До сега не видовме доволен напредок на тој фронт“, посочуваат од амбасадата на САД.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија, вели дека помошта која САД ја даваат на Северна Македонија за демократизација на општеството ја гледа како инфузија во развојот на државата.

„Конкретно две димензии на помош доаѓа од САД низ различни програми, а тоа е, од една страна, институционалното јакнење со цел институциите на Северна Македонија да можат да испорачуваат квалитетни услуги за граѓаните. Тоа подразбира јакнење на нивниот капацитет, внатрешни процедури, техничка опрема, тренинг на вработените“, вели Поповиќ.

Но, за него уште поважна е помошта која се упатува кон граѓанското општество и медиумите.

„Од една страна граѓанските организации кои што го јакнат граѓанското учество, и ја надгледуваат власта, притискаат за подобро управување, што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите, но истовремено значајна компонента е и помошта која доаѓа за медиумите, најмногу за истражувачкото новинарство, кое го комплетира она што се нарекува надворешно набљудување на институциите и ги информира граѓаните“, посочува Поповиќ.

Една од многубројните граѓански организации кои во изминатите три децении биле помогнати при реализација на многубројни проекти е Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.

„Во неколку наврати имаме добиено поддршка од УСАИД, за различни програми, кои придонесуваат кон подобрување на локалната демократија и зајакнување на учеството на граѓаните во креирањето на тие локални политики и донесување на одлуки“, вели Невенка Лунгурова Ѓирова, од Граѓанска организација, Штип.

Во моментот оваа фондација работи на проектот „Направи разлика“ поддржан од американскиот народ преку УСАИД.

„Идејата е да се префрли моќта на заедницата и да ги охрабри граѓаните да преземат одговорност за своите проблеми. Во моментот се вклучени општините Штип, Кочани и Виница, а од следната година ќе вклучуваме и други општини од источниот плански регион. Поддршката и помошта од УСАИД е клучна, без нив би било многу тешко сето ова да се реализира“, додава Лунгурова Ѓирова.

Во меѓувреме, американската помош продолжува да ги поттикнува прогресивните реформски процеси во Северна Македонија за државата да го зацврсти своето место во светското семејство на демократски држави.

XS
SM
MD
LG