Линкови за пристапност

Средби од ден во ден


Но, речиси без отчет во јавноста колку постигнала работната група задолжена за решавање на политичката криза во Македонија

Според медиумските наводи, мал напредок и усогласување на некои од ставовите во однос на избирачкиот список и начинот на функционирање и ингеренциите на Државната изборна комисија е резултатот на втората по ред оваа недела средба за изборната регулатива на работната група составена од претставници на четирите најголеми партии во земјава.

По средбата, на којашто беше и првиот човек на невладината организација МОСТ, немаше официјални изјави, а новата средба е закажана за четврток, кога наводно ќе има и конкретни решенија за дел од прашањата за кои се разговара.

Вторникот, на маса пред работната група беше прашањето за специјален јавен обвинител, но според изјавата на белгискиот експерт, Питер ван Хојт, дадена доцна синоќа, тоа е далеку од договор.

„Денеска не можам да дадам никаков коментар, имаше многу интересна, многу солидна дискусија но, не можам ништо да коментирам, рече Ван Хојт, којшто на прашањето дали имало заклучоци, возврати: „За тоа ќе мора да почекаме малку, бидете трпеливи“.

Според најавите, конкретните разговори за функцијата на специјалниот обвинител, почнувајќи од изборот, функционирањето до надлежностите, ќе започнат в петок.

Опозицијата бара нов закон, тим од соработници и посебен судски оддел, како гаранција за независната позиција на специјалниот обвинител, додека ВМРО- ДПМНЕ пак бара уште време за консултации околу тоа дали функциите, надлежностите и начинот на избор на овој обвинител треба да се регулираат со постојниот закон или треба да се изработи нов. Засега, како најтешко прашање се издвојува усогласувањето околу тоа кој ќе ја добие оваа функција.

Во јавноста се вртат имињата на поранешни судии, обвинители и универзитетски професори, но нема официјален предлог. Обвинителот треба да биде избран до 15-ти септември, само две недели по враќањето на опозицијата во Парламентот. Новиот Специјален јавен обвинител ќе треба да се соочи со расчистување на две крупни прашања - прислушувањето коешто го обелодени опозицијата, и случајот „Пуч“, во којшто меѓу обвинетите е и водачот на СДСМ Зоран Заев.

XS
SM
MD
LG