Линкови за пристапност

Маршеви за правата на жените низ цела Македонија


Еден поинаков 8-ми март - наместо прослави во рестораните, акцентот е ставен на маршеви за родова еднаквост

По повод Меѓународниот ден на жената, во организација на организации за родова еднаквост и на активистки за женски права, денеска напладне од паркот „Жена борец“ во Скопје тргна вториот „Марш за правата на жените”, чија цел беше искажување солидарност кон сите жени и потсетување дека само со родова еднаквост може да постои демократско општество на еднакви граѓанки и граѓани.

Во исто време, и на градскиот плоштад во Тетово, беше закажан марш, под мотото: „Не славиме! Маршираме за еднаквост! Марш за еднаквост на жените!“, а во Куманово - Марш за родова еднаквост.

По повод Меѓународниот ден на жената, Канцеларијата на Обединетите нации организираше настан за одбележување на ратификацијата на „Истанбулската конвенција“ од македонскиот Парламент во декември минатата година. На настанот вчера, свое обраќање имаше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која меѓу другото, изјави:

„8-ми март годинава го дочекуваме со возобновена, ослободувачка и зајакнувачка енергија која ја предизвика глобалното движење на жените, кои решија гласно да проговорат и да се спротивстават на насилството на кое се изложени. Особено ме радува што и жените од нашата земја се приклучија на светскиот тренд на охрабрување да се проговори за насилството со кое се соочиле, затоа што конечно зборуваме за трансформација на општества. И затоа, сега кажувам дека храброста и пркосот на жените биле и се движечката сила на прогресот во општествата, отсекогаш и насекаде. Сега кажувам дека родовата еднаквост не е само прашање на фундаментални човекови права, туку и основа за просперитет и одржлив развој.‘’ Според Царовска, ратификувањето на „Истанбулската конвенција“ претставува револуционерен чекор во превенцијата и борбата против родово базираното насилство, но клучниот предизвик е доследната имплементација на обврските што се презедоа со прифаќањето на оваа конвенција.

По повод 8-ми март, скопската канцеларија на UN Women, Град Скопје и Институтот за човекови права, во соработка со Амбасадата на Шведска, вечерва го организираат деветтото издание на „Вечерите на женски права“, за унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на позицијата на жените и промоција на родово-одговорните политики, а како „културна алтернатива во одбележувањето на 8 Март, како еден од најсветлите датуми во историјата на правата за жените и родовата еднаквост“.

Со слоганот „Еден поинаков 8-ми март “, на „Вечерите на женски права“ ќе се отвори изложбата „Признаените Vs невидливите жени“ (со две збирки - шведската изложба „Пионерските чекори во воведувањето на надворешна феминистичка политика“ за клучните жени и одредници во шведската надворешна феминистичка политика, и македонскиот „еквивалент“, со невидливите жени од македонската историја), ќе се прикаже документарниот филм „Граници и ветувања“ и ќе се организираат разговори за феминизмот, еманципацијата и женскиот активизам, ќе се одржат женски слем поезија-перформанс и настап на бендот Џун...

По дваесет дена, на 28-ми март, под насловот „20 дена по 8-ми март и шчо направивме?“, по трет пат ќе се одржи македонскиот дел на меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“ (Woman Scream). Фестивалот се организира во чест на мајките - водачи на новите генерации, а е посветен на животот без насилство. Со годинешниот слоган на фестивалот - „Блесоци на надежта“, во текот на март уметници ќе испраќаат пораки за самодоверба и почит, а ќе го кренат гласот против насилството врз жените.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG