Линкови за пристапност

На економиите од Западниот Балкан им треба побрз раст


Во нов извештај на Светската Банка се вели дека ќе бидат потребни околу 60 години да се израмнат приходите од овие економии со европските

Ќе бидат потребни шест децении за да се израмнат приходите во Западниот Балкан со оние на Европската унија (ЕУ), ако економиите во регионот растат со исто темпо како во периодот од 1995 до 2015-та година се вели во новиот извештај на Светската банка, насловен како Западен Балкан: Оживување на двигателите за раст и просперитет кој беше презентиран во Виена, Австрија.

Во документот се разгледуваат можностите како да се забрза економскиот раст во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија за приближување на приходите во овие земји со европските.

„Во последниве години земјите од Западниот Балкан направија исчекори во реформирањето на јавните финансии и зајакнување на економскиот раст, иако граѓаните можеби се` уште не ги чувствуваат придобивките од овој напредок“, рече Линда Ван Гелдер, директорка на Светската банка за Западен Балкан. „Фокус на структурните реформи може да го забрза економскиот раст за да можат да се достигне нивото на приходи со оние во Европската унија“, додаде таа.

Реформите и макроекономската стабилност можат да овозможат просечна стапка на раст од 5 проценти на годишно ниво. Тоа ќе им овозможи на земјите во регионот да се приближи кон ЕУ за само две децении, наместо шест, се наведува во извештајот.

Економиите од Западниот Балкан пред рецесијата во 2008-та година растеа со 5-6 проценти, побрзо од темпото во ЕУ, но тоа беше прекинато со светската финансиска криза.

Од извештајот се повикува на модел на раст базиран на поголема продуктивност и инвестиции, поголем извоз и поголема улога за приватниот сектор.

„Растот кој го видовме во овој регион во годините пред глобалната финансиска криза е доказ за економскиот потенцијал на Западниот Балкан,“ рече Харалд Ваиглеин од Министерството за финансии на Австрија.

Сепак, во извештајот се наведува дека стапката на невработеност во регионот е речиси двапати повисока отколку помалите економии во транзиција кои беа примени во Унијата. Во време кога половина од популацијата во регионот бара работа, а четвртина од нив не ја наоѓаат, потребата за создавање на работни места останува клуч, се вели во извештајот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG