Линкови за пристапност

Ќе има ли доволно вода за секого?


Институтот Ворлдвоч предупредува на недостиг на водата во некои региони, на овогодишниот Светски ден на водата.

Ворлдвоч вели дека милијарди луѓе веќе се соочени со некаков вид на недостиг на вода. Портпаролката Суприја Кумар вели дека се очекува само да стане полошо со растење на популацијата:

„Над 1,2 милијарди практично живеат во области каде има недостиг на вода. И речиси 1,6 милијарди се соочени со економски недостиг на вода. Како што расте населението ќе има повеќе проблеми. Ќе се соочиме со драстични мерки за да обезбедиме пристап до вода за луѓето.“

Кумар вели дека има неколку видови на недостиг на вода. Првиот е наречен „физички“. „Тоа значи дека нема доволно за задоволување на потребите. Водата не е распоредена подеднакво. Области на Блискиот исток, во Северна Кина, во североисточна Индија, немаат доволно вода. Значи, не е физички достапна.“

„Економски“ недостиг на вода е кога нема инвестиции во програми за вода, а тоа според Кумар е случај со големи делови од Африка, каде вода има, но не може да се обезбеди нејзина достапност до луѓето во регионот.

Кумар вели дека акции може да се преземат на сите нивоа за надминување на овие проблеми.

На локално ниво, таа вели дека може да се вложат повеќе инвестиции за собирање на водата, преку методи за повторна употреба на еднаш искористена вода, со нејзино третирање и ослободување во земјоделието и други индустриски гранки.

На национално ниво, институтот предлага владите да развијат подобра политика за водата што вклучува помалку или ревидирани олеснувања за земјоделието, зашто тоа води кон прекумерно користење на водата и осиромашување на земјата со вода.

Ворлдвоч вели дека глобално 70 проценти од „извлекувањето на водата“ е за земјоделие, 19 проценти за индустријата и 11 проценти за градски потреби. Некои од државите со „висок процент на извлекување на водата“ се Кина и САД.

Многу извори на вода не се стриктно органичени на една држава. Реките и езерата често се користат од неколку нации и затоа се потребни регионални договори за користењето на водата.

Климатските промени, со растењето на температурите, имаат директно влијание на недостигот на вода, особено кога се работи за дождови.

И конечно, Кумар вели дека неизвесноста на дождовната вода може директно да се одрази на безбедноста на храната.

Уште повеќе, Ворлдвоч вели дека Медитеранот, и некои области на американскиот континент, Австралија и јужна Африка ќе видат намалување на реките кои од таму истекуваат, а ќе биде потребно и подолго време подземните карпи потопени во вода повторно да се наполнат.

Исто така, густонаселените области на речни делти може да бидат погодени со помалку вода, зашто нивоата на морињата се креваат, а со тоа и соленоста се зголемува.
XS
SM
MD
LG