„Америка може се'“, се зборовите со кои во саботата претседателот Барак Обама навести за што ќе зборува во обраќањето до нацијата.
Претседателот и републиканците ќе имаат поинакво мислење за неговите седум години минати на функцијата и начините на коишто САД треба да дејствуваат, за да продолжат напред.
„Нашите бизниси се на 70-месечна линија на креирање работни места со над 14 милиони нови работни места. Ние направивме историски инвестиции во чистата енергија и го подготвивме патот за иднина со ниско ниво на јаглерод. Донесовме повеќе од 17 милиони Американци во системот за здравствена заштита“ изјави Обама.
Републиканците веќе го отфрлаат она што очекуваат тој да го каже во вторник.
„Тоа што навистина треба да чуеме, е како Обама ќе ја поттикне креативноста и ќе го мотивира американскиот народ“, изјави сенаторот Џон Хоевен. „Како републиканци, сакаме да им дадеме моќ на нашите умови, за државата да се натпреварува и да победи.“
Сенаторот Мич Меконел смета дека претседателот ќе зборува за иднината и ќе се обиде да претстави розова слика, но, од него ќе се очекува да настапи со реален план за пораз на ИСИЛ.
Претставници на Белата куќа велат дека Обама ќе направи повеќе отколку само да зборува за достигнувањата на неговата администрација.
„Тој ќе зборува за иднината. Ќе биде оптимистичен. Ќе биде ориентиран кон акција“, вели Денис Мекдоно, шеф на кабинетот на претседателот. „Тој не сака ова да биде уште еден говор за политиката што презентира серија предлози. Имавме многу политика во текот на годината. Тој сега сака да направи чекор назад и да погледне во иднината на државата и на предизвиците низ кои одиме“, додава тој.
Републиканскиот одговор ќе го даде гувернерката на Јужна Каролина Ники Хели, Индијанска-Американка и растечка ѕвезда во партијата, за која многумина очекуваат дека е потенцијална кандидатка за потпретседателска функција.