Гласачите на возраст под 30 години во 2008 излегоа на гласање во рекорден број, и две третини од нив гласаа за демократскиот кандидат Барак Обама.
Зак Хавел е претседател на Републиканскиот национален комитет за колеџи. Тој се сеќава на тешките времиња кога пред две години републиканците барале гласови на колеџите.
„Тоа за републиканците беа тешки денови. Никој на кампусот не сакаше да биде идентификуван како републиканец. Сега е многу различно. Републиканците се излезени и интензивно работат. Гордо се идентификуваат како конзервативци, како републиканци“, вели Хавел.
Со анкетите што покажуваат дека демократите најверојатно ќе загубат места во Претставничкиот дом, а може и во Сенатот, претседателот Обама посегнува по гласовите на младите – да гласаат за демократите на претстојните конгресни и општински изборни трки во земјата на 2 ноември.
Зборувајќи неодамна пред околу 35 илјади лица на државниот универзитет во Охајо, каде призна дека кандидирањето за Белата куќа е погламурозно отколку самото раководење:
„Сега ние не се залагаме само за промена. Ние работиме на промената, ја брусиме. Понекогаш е фрустрирачко. Донесуваме промена милиметар по милиметар. Не е лесно. Верувајте ми, не е лесно“.
Претседателот ги повика младите да го повратат ентузијазмот од изборниот процес во 2008 и да продолжат да работат за промена.
Ново истражување на јавно мислење од Институтот Пју покажа дека 27 проценти од младите демократи велат дека размислуваат за изборите. Тој процент е поголем кај младите републиканци – 39.
Неодамнешно истражување на Асошиејтед прес покажа дека 44 проценти од студентите ја одобруваат работата на Обама како претседател. Тоа е за 16 проценти помалку од мај минатата година.
Според Зак Хавел, големо прашање за студентите е невработеноста:
„Тоа е заради економијата. Многу им значи. Дваесет отсто од дипломираните не можат да најдат работа сега.Младите се загрижени за својата иднина. Не се самоуверени како многу генерации пред нив. Сакаат да видат политика што ќе им овозможи да ги живеат своите соништа, а тоа сега не го гледаат од овој претседател и од Конгресот“.
Републиканскиот претседател на студентската младина вели дека постои мисконцепција дека младите луѓе гласаат за кандидати на Демократската партија.
„И од историска перспектива тоа не е точно. Роналд Реган ги освои гласовите на младите Џорџ Буш постариот ги доби гласовите на младите. Бил Клинтон потоа ги презема, за повторно да се вратат кај Џорџ Буш помладиот. Очигледно, и Обама ги доби, но велам дека ова е многу здраво свртување назад кон Републиканската партија.
Со приближувањето на 2 ноември, двете партии се надеваат дека ќе ги инспирираат младите да гласаат за нивните кандидати.