Линкови за пристапност

Жените во американската политика


Жените во американската политика
Жените во американската политика

Годинава паѓа 90-годишнината од Деветнаесеттиот амандман на американскиот Устав, што им даде право на глас на жените, по што тие за првпат излегоа на избори - претседателските во 1920-та.

Ненси Пелоси, првата жена-спикер на Претставничкиот дом, државната секретарка Хилари Клинтон, која за малку ќе ја добиеше демократската претседателска номинација во 2008 и Сара Пејлин, која истата година републиканците ја номинираа за потпретседателска функција се три жени со недвојбено големо влијание во американската политика. Нивното пројавување е тестамент на унапредувањето на правата на жените во Америка. Но, нивните постигнувања се темелат на напорите на жените од пред повеќе од еден век – напорите да се обезбеди основното демократско право - правото на глас.

Движењето започна со група активисти предводена од Лукреша Мот и Елизабет Кеду Стентон – кои во 1848 јавно тврдеа дека американските жени пред законот треба да имаат еднакви права со мажите.

Сузан Сканлан е претседател на Институтот за истражување и едукација на жените во Вашингтон.

Таа вели дека активистките биле средовечни, припаднички на средната до повисоката класа, сопруги и мајки, дека имале колеџ или средно образование и до некаде биле во привилегирана позиција, но дека сфатиле оти без пристап до гласачката кутија нивниот живот не бил во нивни раце.

Нивниот активизам замрел со почетокот на Граѓанската војна, но борбата за право на глас се јавила повторно педесет години подоцна со Алис Пол, правничка и голема фигура во движењето за еманципација. Еден ден пред инаугурацијата на претседателот Вудроу Вилсон во 1913, Алис Пол организирала парада во Вашингтон за да го привлече вниманието на Америка.

Тоа привлекло внимание во медиумите, но не и меѓу народот. Во 1917, тие почнале демонстрации пред Белата куќа, што било без преседан. 19-от амандман дошол во Конгресот и бил усвоен во 1918. Државите го ратификувале на 18 август 1920. Американските жени конечно добиле право да гласаат. Џенифер Лолес од Институтот за жени во политиката на Американскиот универзитет вели:

„Тоа беше веројатно најважната работа што им се случила на жените во последните 100 години зашто ги направила полноправни граѓани. За прв пат биле видени како потенцијален фактор што можел да ги одреди изборите“.

Девет децении по добивањето на право на глас, има уште работа на полето на еманципација на жените. Жените чинат само 17 проценти од членството во Сенатот и Претставничкиот дом. Но, жените како Пелоси, Клинтон и Пејлин оставија белег на американската политика и испратија силна порака – американските жени се сила за почит.

XS
SM
MD
LG