Линкови за пристапност

Македонија останува без единствениот меѓународен воз низ својата територија


По 146 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, од денес, нашата земја остана без единствената редовна меѓународна линија Белград – Скопје – Солун“, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Од Железници на РСМ Транспорт пак, тврдат дека отсекогаш се залагале за воспоставување на редовна меѓународната линија Белград – Солун и обратно, но дека според меѓународните железнички прописи, за сообраќање на патничките возови, и во овој случај, одлучуват само почетната и крајната железничка управа, во Србија и Грција.

Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, денес ја обвини власта дека со одлуката за „затворање на единствената меѓународна линија во државата Белград – Скопје - Солун“, Македонија станала „железнички изолирана земја“.

„На 9 април 1873 година, првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал во железничката станица во Велес и тогаш почнало поврзувањето на Македонија со остатокот од светот. Поврзувањето со железница, своевремено, претставувало највисоко техничко и технолошко достигнување. Но, оттогаш до денес, наместо да станеме држава со технолошки развиена и усовршена железница, ние станавме железнички изолирана земја. Денес, 19 септември 2019, по 146 години укинат е единствениот меѓународен патнички воз кој сообраќаше на релација Белград-Скопје-Солун и обратно“, се вели во соопштението на комисијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Гласот на Америка на македонски јазик побара коментар од претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Железниците на РСМ, Орхан Муртезани, по повод ваквите обвинувања.

Во изјавата, ЖРСМ Транспорт АД, „најостро ги демантира информациите објавени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, со тврдење дека организацијата нема никаква вина во случајот.

„Во интерес на правилно информирање, би сакале да појасниме дека ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, отсекогаш се залага за воспоставување на меѓународната линија Белград – Солун и обратно. Сакаме да информираме дека ЖРСМ Транспорт АД никогаш не била за укинување на овој меѓународен воз. Напротив. На почетокот од јануари 2018 година, добивме известување од ‘Србија Воз’, дека поради економска неисплатливост, планираат, единствениот меѓународен воз кој транзитира низ територијата на Република Северна Македонија, возот 334/335 ‘Hellas’, на релација Белград – Солун – Белград, да сообраќа заклучно со 31 март 2018 година. Истиот, во иднина, би сообраќал само како сезонски воз, во летните месеци и тоа во периодот од 15 јуни до 15 септември“, се вели во официјалното соопштение на ЖРСМ.

„ЖРСМ Транспорт АД Скопје, во преговорите што беа водени со менаџерскиот тим на ‘Србија Воз’, во текот на март 2018, успеа да издејствува, возот 334/335 ‘Hellas’, да сообраќа во текот на целиот период до крајот на септември 2018 година. Исто така, на состанокот беше напоменато дека, во текот на септември 2018 година, треба повторно да се состанеме во Белград и да ги разгледаме можностите за понатамошно сообраќање на возот. Со овој договор не се согласи TRAINOSE (Грција), па поради тоа, во периодот од 1 април 2018 до 31 мај 2018 година, возот сообраќаше само на релација Белград – Гевгелија и обратно. Од 01 јуни 2018 до 30 септември 2018, возот сообраќаше на релација Белград – Солун и обратно, со напомена дека на потегот Гевгелија – Солун - Гевгелија, патниците се превезуваа со автобус“, стои во соопштението на транспортната организација, испратено до Гласот на Америка на македонски јазик.

„На 6 септември 2018 година добивме мејл од ‘Србија Воз’, во кој нè известуваат дека возот нема да сообраќа по 30 септември 2018 година. Веднаш стапивме во контакт со в.д генералниот директор на ‘Србија Воз’, Југослав Јовиќ, за да закажеме термин за состанок, на кој би ги изложиле нашите ставови, дека ЖРСМ Транспорт АД се против стопирањето на сообраќање на возот 334/335 ‘Hellas’. Состанокот се одржа на 26 септември 2018, но ‘Србија Воз’ остана на својот став, дека поради економски причини нема интерес возот да сообраќа преку целата година, туку во иднина ќе сообраќа само во периодот од 15 јуни до 15 септември во тековната година. Само да напоменеме дека, според меѓународните железнички прописи за сообраќање на патничките возови одлучуваат, почетната и крајната железничка управа, во случајов - TRAINOSE (Грција) и ‘Србија Воз’ (Србија). Според тие прописи, транзитната управа, во случајов ЖРСМ Транспорт АД Скопје, има право да вложи жалба, но нема право да одлучува. Од 30 септември 2018 година, ЖРСМ Транспорт АД-Скопје континуирано е во постојана комуникација со TRAINOSE и „Србија Воз’ за продолжување на перидот на сообраќање на меѓународниот воз, но досега сè уште нема интерес од двете железнички управи за прифаќање на нашите ставови“, се вели во официјалното соопштение на Железници на РСМ.

Во македонските медиуми беше објавено и дека според одделни експерти, актуелниот случај е последица на неинвестирање во секторот на железнички транспор, а беше наведен и податок од Министерството за финансии дека ЖРСМ Транспорт има долгови од 45 милиони евра.

XS
SM
MD
LG