Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието, основа работна група за посета на казнено-поправните установи во државата, а на посетите, пратениците биле придружувани и од претставници на невладиниот сектор. Цел на посетите од јули 2018 до јули 2019 година, била согледување на состојбите во кои се наоѓаат установите - затворите КПД Идризово, КПД Штип и КПУ Охрид.
На овој проблем му е дадено високо место во агендата на власта, која начелно се залага за креирање на ефикасен казнено-поправен систем, преку координиран пристап од повеќе сфери, а тоа се илустрира и со неодамнешната јавна расправа на тема „Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“, во организација на Постојаната анкетна комисија.
На расправата биле поканети сите релевантни носители на фукнции и институции во државата: претседателот, пратеници, членови на Владата, претставници на надлежните министерства, на Управата за извршување на санкции, директори на казнено-поправните установи, и претставници на затворската полиција, Народниот правобранител и центрите за социјална работа, но и Бирото за застапување на РСМ пред Европскиот суд за човекови права, организации од невладиниот сектор што ја следат оваа сфера и меѓународните организации, Делегацијата на ЕУ и Канцеларијата на Советот на Европа.
Акценти од расправата на која дискутирале петнаесеттина учесници, според медиумските извештаи, се дека ситуацијата во казнено-поправните установи во Македонија е очајна.
Пратеничката од ДУИ, Мирсада Емини Асани изјави дека „по посетите во затворите, верувајте ми, четири-пет дена не можев да дојдам при себе, не се чувствував добро“. Во излагањата се акцентирани и нечовечки услови во кои казната ја издржуваат осудените лица, хроничен дефицит на финансии и задолженост на затворите, незадоволителен квалитет и количеството на храна за осудените лица, неадекватна кадровска екипираност на затворските служби, недоволна здравствена заштита и отсуство на вистински можности за ресоцијализација...
„Жените немаат редовен пристап до гинеколог, всушност, гинеколог нема во ниту една казнено поправна установа. Стоматолошките услуги претежно се вршат во клиники, затоа што нема вработен ниту стоматолог. Во ‘Идризово’ и тој еден стоматолошки стол што постои, не е функционален, а иронијата да биде поголема, најголем број од поплаките на осудените лица се однесуват токму на проблеми со забите“, потенцира Васка Бајрамовска Мустафа од Канцеларијата на Омбудсманот.
Зборувајќи за условите за најголемиот затвор во државата „Идризово“, пратеникот Фадил Зендели, според медиумите, изјавил на јавната расправа дека Работната група и раководните тимови на установата „заеднички ја потенцираа потребата за почитување на меѓународните стандарди за човековите права, потребата од дополнување, унапредување на условите, како и потребата за зголемена заложба за поддршка за градење на капацитети на институцијата, зголемување на буџетот за управување и хуманиот третман на затворениците, зголемување и обука на човековите ресурси, јакнење на мерките за ресоциализација, мерки за едукација и рехабилитација од националните институции...”
Иако на јавната расправа, точка за дискусија не беше КПУ Затвор Скопје, еден од дускутантите беше и новиот в.д. директор на оваа установа Еско Рахиќ, кој ја алармираше јавноста за состојбата која ја затекнал при преземањето на должноста.
Веќе работам на тоа, да ги подобрам условите за престој на притворените и затворени лица во ќелиите, со што ќе добијат подобри услови за достоен живот за време на нивниот престој таму и похуман третманЕсад Рахиќ, в.д. директор на КПУ Затвор „Скопје“
Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Рахиќ потенцираше дека „проблемите со кои се соочуваат осудените, односно притворени лица, се пред сè лошите услови во самата установа, од аспект на голем број на притворени односно затворени лица за кои има недостаток на простор, старата и дотраена опрема, како и недостатокот на финансиски средства за да се подобри квалитетот и разновидноста на исхраната“. Според него дел од досега преземените активности, се „сепак, капка во морето“.
„Јас лично имам за цел, и веќе работам на тоа, да ги подобрам условите за престој на притворените и затворени лица во ќелиите, со што ќе добијат подобри услови за достоен живот за време на нивниот престој таму и похуман третман. Во наредниот период за КПУ Затвор Скопје има најава за донација од 50.000 евра од ЕВН, за да се постават фотоволтаици, со што притворените лица ќе имаат пристап до топла вода перманентно, за капење и други лични потреби. Има најава за донација од една голема општествено одговорна компанија за изградба на гасоводна мрежа до котелот за парно греење и пренамена на котелот од мазут на еколошки гас, со што ќе се намалат трошоците на затворот, а и во зимските денови ќе се обезбеди парно греење подолго во текот на денот за разлика од досега предвидените два часа“, ни изјави в.д директорот.
Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Рахиќ рече дека моментално работат два општи лекара, два стоматолога и еден психијатар кој е на испомош, но и дека е најавена „поддршка од Владата за зголемување на буџетските средства на установата, со што ќе можам да побарам дозвола за вработување на поголем број луѓе во стражарската служба, како и во службата за ресоцијализација, што ќе го ослесни престојот на притворените и затворените лица“.
Рахиќ вели дека го радуваат позитивни реакции и најавената помош од големи компании и помошта од физички лица – донатори, за реконструкција на собите каде престојуваат притворените лица, во блоковите Б и Ц. „Таму во моментот условите се најлоши, да не речам – нехумани! Морам да ја додадам и најавената донација од повеќе фирми чија основна дејност е производство/продажба на храна, со што ќе се подобри квалитетот и разновидноста на исхраната за лицата кои во моментот се наоѓаат во казнено поправната установа ‘Скопје’“, вели Рахиќ.
За условите во спорните блокови, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, зборуваше и новинарот Томислав Кежаровски, кој во притвор во Затворот „Скопје“ (познат како „Шутка“) помина 7,5 месеци, под обвинение дека наводно го обелоденил идентитетот на заштитен сведок, (кој потоа на суд призна дек лажно сведочел по полициски притисок), случај за кој реагираше демократската јавност во повеќе земји во светот, како и меѓународните организации за човекови права и новинарските асоцијации на европско и светско ниво.
Четворица спиеја на кревети, еден го ставаше душекот и легнуваше на маса, а еден на земја, и како по правило, гледаше право во тоалетот, оти немаше каде на друго место. Се сметаше дека сте ‘привилегирани’ ако сте ‘само’ четворица, во ќелијатаТомислав Кежаровски
„Според сè она што го видов во затворот ‘Скопје’, ние не сме на последното место во светот, според условите кои владеат во казнено-поправните институции, нас едноставно нè нема на листата... Во ќелиите во ходникот ‘Ц’, каде според мојата проценка, состојбата е убедливо најлоша, во осумте квадрати, колку што има секоја од нив, во кои е засметан и тоалетот, имаше по петмина, а некогаш, и по шест лица. Четворица спиеја на кревети, еден го ставаше душекот и легнуваше на маса, а еден на земја, и како по правило, гледаше право во тоалетот, оти немаше каде на друго место. Се сметаше дека сте ‘привилегирани’ ако сте ‘само’ четворица, во ќелијата...
Не еден ден, туку еден час минат во ходникот ‘Ц’ во ‘Шутка’, ќе ви го смени животот од корен“, ни изјави Кежаровски.
„Во ‘единаесетката’, ‘четиринаесетката’ и ‘деветнаесетката’, сеедно, или пак во ‘дваесет и осмицата’, онаа што е со камери и во која, заради ‘хиперактивност’ - 24 часа сте врзан со лисици за кревет, состојбата е многу близу до границата на она што се вика отворена тортура“, дециден е новинарот.
Кежаровски кој за сè она што го доживеа во затворот „„Скопје“ и во куќен притвор, ја напиша книгата „Живот во кутија“, која е преведена и на англиски, е еден од тројцата основачи на неодамна формираната невладина организација - Центар за помош, поддршка, и застапување на осудени лица „На прав пат“, чија цел, според него, е подобрување на условите во затворите и на условите за ресоцијализација на осудените лица.
„Дезинфекција на ќелијата е мисловна именка. Била направена некогаш и ќе се направи пак. Некогаш. Ќебињата, душеците и перниците се од памтивек. Не се можеби од деветнаесеттиот, ама сигурно се од средината на дваесеттиот век... Ве уверувам дека за неколку часа можете да пополните инсектариум со најразлични бубачки. Добро, во блокот „Ц“ не видов - змија, желка и лилјак...“, продолжи Кежаровски.
„За да прочитате книга или весник, треба да имате минимум познавање од јога. Треба да се извртите толку добро на креветот, онаму каде што паѓа мал сноп дневна светлина, и да видите што пишува. Но, ако пак, времето надвор е облачно во ќелијата не се гледа прст пред око... Не е многу подобра состојбата ниту во ќелиите во ‘Б’, а и ниту во оние во блок ‘А’, освен што се попространи и имаат повеќе светлина. Какви се условите во блокот ‘Г’ не знам. Немав можност да престојувам во нив. Таму, тогаш, во ‘мое време’, се зборуваше дека се оди со врски и со пари...“, сведочи Кежаровски.
„И де факто и де јуре во затворот ‘Скопје’, а и во другите затвори во државата, се загрозени основните човекови права на затворениците, но и на вработените! Тие луѓе немаа, а и сега немаат опрема. Носат сопствени чевли или патики, сеедно, само да се црни, и темно сини панталони и маици, купени на пазарите, на кои само прикачуваат амблем ‘полиција’. Поснаодливите од нив, оние кои имаат ‘свој човек’ во МВР, носат „оригинал полициски“ униформи. И работат со најризична популација на луѓе, и имаат плата од 300 евра, и иако се под константен стрес, не одат редовно на здравствени прегледи“, изјави новинарот Кежаровски за Гласот на Америка на македонски јазик.
Северна Македонија со 122,3 затвореници за 100 места, е во осумте земји со сериозен проблем со пренатрупаност во затворите и е меѓу земјите со највисока смртност во затворите со 52,8 смртни случаи на 10.000 затвореници
Според извештајот за годишната кривична статистика на Советот на Европа за 2018 година, што го пренесе МИА, Република Северна Македонија го следи европскиот тренд за намалување на вкупната стапка на затвореници. Во Европа стапката се намалила за 6,6 проценти во периодот меѓу 2016 и 2018 година, а во Северна Македонија стапката опаднала за 9,7 проценти.
Но, Северна Македонија со 122,3 затвореници за 100 места, е во осумте земји со сериозен проблем со пренатрупаност во затворите и е меѓу земјите со највисока смртност во затворите со 52,8 смртни случаи на 10.000 затвореници, веднаш по Република Молдавија (55), а пред Бугарија (51.5), Португалија (51.3) и Русија (51).