Линкови за пристапност

Половина од децата во светот немаат претшколско образование


Според податоци на УНИЦЕФ, повеќе од 175 милиони деца на возраст од три до шест години немаат соодветна едукација пред регуларно да почнат со училиште

Повеќе од 175 милиони деца на возраст од три до шест години не посетуваат претшколско образование. Податоците се објавени во првиот глобален извештај на УНИЦЕФ за состојбата во претшколското образование во светот.

Според бројките, речиси половина од децата на таа возраст, немаат официјална едукација пред почетокот на основното образование.

Авторка на извештајот е Ивелина Борисова, специјалист за едукација при ОН. Во изјава за Гласот на Америка, таа вели дека децата што поминале низ претшколско образование, полесно се прилагодуваат на регуларната настава во училиште.

„Во рамките на глобалната едукативна криза, со која се соочуваме, овие деца многу подобро ќе го поминат процесот на описменување и ќе научат математички вештини што е исклучително значајно за нивниот успех и кога ќе бидат повозрасни“.

Извештајот покажува загрижувачка состојба во сиромашните земји. Статистички, претшколско образование таму посетува секое петто дете, додека во развиените земји четири од пет деца имаат рана едукација.

Како што истакнува Борисова, анализите на Уницеф покажуваат дека во ова прашање најмногу заостанува супсахарска Африка. Ситуацијата е оценета како критична во Западна и во Централна Африка, каде 70 отсто од децата немаат претшколско образование.

„Податоците не се изненадување, со оглед дека тие региони се соочуваат со многу поширок образовен проблем“, вели Борисова.

Извештајот воедно покажал дека во последните 15 години дошло до напредок речиси насекаде низ светот во однос на тоа прашање. Но, прогресот се одвивал многу бавно во Африка и на Блискиот исток.

Најмногу напредок има во Латинска Америка, на Карибите, како и во Источна и Централна Европа, каде се подобрува образовниот систем.

Уницеф ги охрабрува земјите да одредат најмалку една година како период за претшколско образование на децата. Воедно на владите им се препорачува најмалку десет проценти од нивните буџети за образование да бидат издвоени за претшколска едукација. Препораката е дека тоа е долгорочна инвестиција, зашто се креира работна сила што ќе биде многу поконкурентна на глобалниот пазар.

XS
SM
MD
LG