Линкови за пристапност

Граѓаните со блокади ја бранат Јабланица


Со работата на осумте каменоломи, загрозен е квалитетот на животот на над 15.000 жители под Јабланица“, изјави за Гласот на Америка лидерот на невладината организација „Натура Лаб“ од Лабуништа Алим Салоски повторувајќи ја пораката од неодамнешниот голем протест: „Сакаме здравје, а не пари!“

Со транспаренти „Не ја копај нашата иднина!“ и „Прашината од каменоломите убива!“, стотици жители на струшките села Лабуништа, Подгорци и Октиси, неодамна протестираа против загадувањето на животната средина од каменоломите и отпочнувањето со работа на новиот рудник за минерални суровини во зелениот појас на Јабланица.

Според Месната заедница Лабуништа, загрозената месност Стрижак е сместена под изворите на чиста вода кои се од суштинско значење за месното население од околните села, и поради близината на зелените пасишта и изворите, постои голема опасност од нанесување на непоправливи штети по биодиверзитетот и по здравјето на граѓаните.

Учесниците на протестот обвинија и за грубо кршење на ЕУ директивите за заштита на природата, „во строго заштитениот зелен појас којшто е ставен на картата на ‘European Green Belt’“, и порачаа: „Ние сите здружени ќе одиме до крај, нема отстапување!“

Лидерот на здружението за екологија, планинарење и туризам од Лабуништа, Агим Салоски, кој говореше и на протестот, во телефонски дадената изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, ги повтори барањата на учесниците на протестот.

„За спречување на понатамошното уништување на природните убавини и за намалување на малигните заболувања кај населението, Владата и надлежните органи да ги одземат или раскинат концесиите за осумте каменоломи под Јабланица во најкраток можен рок; градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко јавно да ги објасни критериумите по кои на каменоломите им се доделени Б интегрираните дозволи, а градежната компанија ‘Илинден’ веднаш да ја прекине работата околу рудникот и да ги повлече машините од теренот“, рече Салоски.

Поради организираноста и масовноста, како и поради локацијата (досегашните протести и референдуми за заштита на животната средина, а против таканаречените „рудници на смртта“, главно беа во Југоисточниот дел на Македонија), протестот предизвика значително внимание на медиумите и особено на социјалните мрежи.

Граѓаните од протестот ги поканија премиерот Зоран Заев и надлежните министри да ги посетат „веднаш, а не само пред избори“, и најавија дека во отсуство на адекватна реакција, ќе следат помасовни и порадикални протести и во Струга и во Скопје.

Струшкиот градоначалник Мерко, ги поддржа барањата на месното население, ја повика Владата и надлежните министерства да извршат ревизија на постапката за издавање на концесиите за каменоломите и испрати соопштение дека разговарал со министерот за економија Крешник Бектеши, кој му ветил решение за проблемот. Мерко ги повика сите страни на воздржаност и порача дека секогаш ќе биде на страната на месното население.

Граѓаните на Лабуништа формираа десетчлен Иницијативен одбор, кој на 10 јули излегол на местото каде е почнато со пробивање на патот и каде треба да се започне со експлоатација на минералните суровини, по што работата на терен била времено прекината.

Минатата недела беше одржан протестот, поддржан и од МЗ Лабуништа, а на 22 јули беше испратена и претставка – Иницијатива за оценување нза законитост на одлука, која е испратена до Владата, премиерот и министерствата за економија и за заштита на животната средина.

Помладите жители на Лабуништа, пак, во месноста Стрижак поставија „камп“ како блокада, каде што, со 24-часовни дежурства не ѝ се дозволува на механизацијата на АД „Илинден“ да продолжи со работата. Учесниците во дежурствата очекуваат позитивен одговор на претставката до надлежните институци и итно решение за проблемот - со затворање на сите каменоломи.

Зелената партија ДОМ го поддржа протестот на жителите од Лабуништа, и побара од Државниот инспекторат за животна средина „итно да излезе на терен и да го утврди степенот на загаденост на воздухот со ПМ10 и ПМ2,5 честички, како и загадувањето на водите и почвата“.

Според ДОМ, треба да се изготви и Стратешка оценка за влијанието врз животната средина на каменоломите на падините на планинскиот масив Јабланица. Партијата тврди дека пределот околу Јабланица има извонредни можности за развој на екотуризмот и обезбедување на одржлив економски развој за жителите,

И активистката за човекови права, професорката д-р Мирјана Најчевска, јавно реагираше против исчезнувањето на планините и шумите, наведувајќи го членот 8 од Законот за животната средина според кој, во постапувањето со околината треба да се воспостави начело на одржлив развој.

„Заради задоволување на потребите за здрава животна средина, како и социјалните и економските потреби на сегашните генерации, без притоа да се загрозат правата на идните генерации да ги задоволат сопствените потреби, при преземањето на секоја активност или вршење на која било дејност задолжително треба да се води сметка за рационалното и одржливото користење на природните богатства“, истакна Најчевска.

Како предупредување, Најчевска го цитираше и членот 14 – за начелото на превенција: „Мерките и активностите за заштита на животната средина се преземаат пред да дојде до штетни последици“.

XS
SM
MD
LG