Линкови за пристапност

Аналитичари: Протерувањето дипломати ги враќа симптомите на студената војна


Северна Македонија протера руски дипломат во период кога и други европски земји го прават истото. Дали тоа ќе ја вовлече земјата во процес за којшто аналитичари стравуваат дека води кон нова студена војна меѓу Русија и Западот?

Протерувањето дипломати ги враќа симптомите на студената војна. Во тој вител е можно да биде вовлечена и Северна Македонија, особено откако протера руски дипломат. Така оценуваат познавачи на релациите меѓу Русија и Западот.

Аналитичари: Протерувањето дипломати ги враќа симптомите на студената војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:15 0:00


„Нервозата полека расте и се враќаме на методите и средствата од студената војна, за жал“, смета Драган Јањатов, Публицист и поранешен дипломат.

Со сличен став е и новинарот и поранешен дописник од Москва, Мирче Адамчевски:

„Ова што сега се случува. Не би сакал да кажам дека сме во нова студена војна. Меѓутоа навестува дека односите се заладени и можат да водат кон нова студена војна“.


Поранешниот дипломат Јањатов вели дека чинот на протерување имал повеќе значења.

„Не тврдам дека во тие протерувања немало некои активности што биле забранети, што биле од разузнавачки карактер. Меѓутоа тоа во главно беше една манифестација на незадоволство. Кога сакаше едната страна да ѝ обрне внимание на другата за нешто, тогаш го правеа тоа“, објаснува Јањатов.

Не требаше Македонија тоа да го направи во овој момент, од прагматични причини. Не од што Русија многу нè сака нас, и не од што ние многу ја сакаме Русија. Но, да не заборавиме, ние сме едно зрно во таа светска дипломатија
Мирче Адамчевски, Новинар и поранешен дописник од Москва


Чешка неодамна протера 18 лица од руската амбасада под обвинение дека се разузнавачи. Притоа побара и другите европски влади да протераат дипломати од нивните земји. Малата временска разлика од тие настани го отвори прашањето дали и македонската влада одговори на повикот.

„Не требаше Македонија тоа да го направи во овој момент, од прагматични причини. Не од што Русија многу нè сака нас, и не од што ние многу ја сакаме Русија. Но, да не заборавиме, ние сме едно зрно во таа светска дипломатија. Ние не сме Кина, не сме Русија, не сме Америка. Ние сепак треба да водиме сметка за нашите односи со Русија“, истакнува Адамчевски.

Амбасада на Руската федерација во Скопје
Амбасада на Руската федерација во Скопје


Русија веќе најави реципрочно протерување наш дипломат. Но, според познавачите, таков чин врз малата македонска дипломатска мисија во Москва би отворил и друг проблем.

Ако ни го вратат вршителот на работите, треба да ги прекинеме дипломатските односи. Тоа би било екстремно и би излегло од рамките на оваа практика на реципрочност
Драган Јањатов, Поранешен дипломат


„Јас и не знам кого би можела да протера, кој македонски дипломат, кога во нашата амбасада во Москва има двајца без тројца дипломати. Таму е нивото на вршител на работите. Ако го вратат вршителот на работите, треба да ги прекинеме дипломатските односи. Тоа би било екстремно и би излегло од рамките на оваа практика на реципрочност за која зборувавме“, укажува Јањатов.

Се укажува и на можни обиди од руска страна за попречување на интеграцијата со ЕУ.


„Преку амбасадата излегуваат соопштенија, поддршка на македонските партизани, поддршка на ова, поддршка на она. Тоа индиректно ја иритира Бугарија. Преку таквата политика за наводна поддршка на Македонија, создава една спротивставеност меѓу Македонија и Бугарија, а знаеме дека сега ние имаме проблем со Бугарите“, вели Адамчевски.

Но, постои и ставот дека односите со Русија треба да се задржат и тоа на економски план.

„Русија има што да продаде во Македонија, има и што да купи во Македонија, така што, тука треба да биде акцентот“, смета Јањатов.

Ова е второ протерување руски дипломат од земјава. Првото беше во 2018 година, како солидарност кон Британија за случајот „Скрипал“. Русија и тогаш се закани со иста мера, но се премисли. Останува да се видат следните чекори.

XS
SM
MD
LG