Линкови за пристапност

Забранета дискриминација, отворени можности: Каков е односот кон лицата со попреченост во САД?


Ако некогаш биле први отпуштани од работа, денес овие лица се сметаат за нов и лојален потенцијал во работните организации

Намалувањето на невработеноста во САД, придонесе да се смени и односот на работодавците кон лицата со попреченост. Ако некогаш тие биле први отпуштани од работа, денес овие лица се нов потенцијал во работните организации.

Роберта Матер е заменик директорка во еден од одделите на Стејт департментот на САД каде води успешен тим. Глувонема е. Но, тоа за неа не е пречка.


„Најголемата пречка за лицата со попреченост е да ја преминат вратата и да добијат работа. Важно е да добијат можност да се докажат“, објаснува Матер.

Таа неодамна беше во Гласот на Америка, каде зборуваше за своите искуства како лице со попреченост и за предизвиците со кои се соочила.

„Еден од предизвиците е стравот од непознатото и од тоа што е различно. Тоа е природна реакција кај луѓето кога се сретнуваат со лица со попреченост“, рече Матер.

Свеста кон лицата со попреченост во САД е на високо ниво. За тоа укажуваат и бројните рампи за пристап пред институциите, адаптираниот јавен превоз, закосените приоди кон тротоарите, но и самите граѓани.

„Тие се нормални луѓе како и сите други. Стивен Хокинг, на пример, во последната година од животот го имаше само умот, а придонесе многу“, вели Микаел, жител на Вашингтон.

Околу 22 милиони лица на работна возраст имаат попреченост. Се трудиме секој од нив да добие шанса за кариера и да го живее американскиот сон
Филип Паули, директор на „Респект абилити“


Сепак, и натаму главната битка се води околу нивното вработување. Таа битка во името на лицата со попреченост во САД ја водат непрофитните организации. Едната од нив е „Респект Абилити“ од Вашингтон.

„Околу 22 милиони лица на работна возраст имаат попреченост. Се трудиме секој од нив да добие шанса за кариера и да го живее американскиот сон“, ни кажа Филип Паули, директор на „Респект абилити“.

Според податоците од оваа организација, во САД стапката на вработеност за лицата со попреченост, на возраст од 18 до 65 години, е 37 проценти. Ситуацијата почнала да се подобрува и само лани првпат имало 100.000 нови вработувања за овие лица.

Паули нагласува дека тоа не е доволно и дека всушност општото намалување на невработеноста во земјата ги поттикнало работодавците да бараат свежа работна сила и меѓу лицата со попреченост.

„Работодавците не знаат каде на друго место да побараат работници, па се свртеа кон нетрадиционалните кандидати, како што се лицата со попреченост“, вели Паули.


Во прилог кон вработувањето на овие лица оди и законот од 1990 година, наречен Американци со попреченост. Со него се забранува дискриминацијата кон нив, а компаниите се обврзани да им овозможат соодветни работни услови.

За Ана од Полска, која размислува за свој бизнис во САД, тоа не би било проблем.

„Ќе дојдат со искуството што го имаат и ќе ми кажат што можат да работат. Ако одговараат на позицијата, нема проблем да ја добијат работата“, објаснува Ана.

Зголемената потреба од човечка работна сила засега им оди во прилог на лицата со попреченост во САД. Останува надежта дека општеството ќе покаже похуман однос.

Отворени можности, забранета дискриминација: Каков е односот кон лицата со попреченост во САД?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

XS
SM
MD
LG