Линкови за пристапност

Изгубени работни места, зголемен неплатен труд: Пандемијата удри двојно врз жените во селата


Пандемијата ги погоди сите сфери на општеството. Сепак, истражувања покажуваат дека многу поголеми последици се случуваат низ селата во Северна Македонија. Таму родовите разлики уште повеќе се засилиле, а жените се соочиле ем со губење на работните места, ем со двојно повеќе неплатен труд.

Изгубени работни места, намалено здравствено осигурување, зголемени часови неплатена работа, многу поголем товар за грижа во семејствата. Тоа се дел од последиците со кои се соочиле жените од руралните средини како последица од пандемијата. Така покажало истражувањето од организацијата „We Effect“.

Пандемијата удри двојно врз жените во селата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00

„За педесет проценти се намалил платениот труд на жените, што за нас е голем показател дека жените се тие коишто се во прв ред кога треба да има намалување на работни места, ангажмани. Тие се всушност на првата линија, оние што ги губат работните места и платените часови“, вели Неда Чаловска Димовска, од „We Effect“ – Европа.

За педесет проценти се намалил платениот труд на жените, што за нас е голем показател дека жените се тие коишто се во прв ред кога треба да има намалување на работни места
Неда Чаловска Димовска, „We Effect“ – Европа

Во истражувањето активно се вклучила и Федерацијата на фармери. Според нивните пресметки, повеќе од 70 проценти од луѓето во руралните средини се во категорија на неплатени работници. Половината од нив се жени.

„Доста од нив работат во земјоделството и на поле. Нивната работа не е вреднувана. Ниту тоа што го произведуваат на поле, ниту во семејниот дом. Целосната грижа за семејството, на децата, на повозрасните лица, на лицата со попречености и на земјоделските активности паѓаат на жените, а нивниот труд не е валоризиран. Исто така, контролата на земјоделското стопанство, не е во рацете на руралните жени“, истакнува Билјана Петровска Митревска, од Националната федерација на фармери.

Во екот на пандемијата, било забележано и зголемување на семејното насилство.

Villages in North Macedonia / Ruralni sredini

„Руралното население воопшто немаше пристап до сервиси од социјална заштита, здравствена заштита. Се зголеми родово базираното насилство, семејното насилство. Жените коишто се во руралните средини многу тешко доаѓаат и до засолниште. Така што сите овие работи влијаеја за вистински да се уназади позицијата на жените“, додава Чаловска Димовска.

Целосната грижа за семејството, на децата, на повозрасните лица, на лицата со попречености и на земјоделските активности паѓаат на жените, а нивниот труд не е валоризиран
Билјана Петровска Митревска, Национална федерација на фармери

Голем дел од стравувањата биле и поради немањето соодветен пристап до здравствените услуги.

„Посебно и кај жените и кај повозрасното население. Каде да се пријават ако се разболат од ковид, па кој ќе им донесе лекарства, бидејќи нема амбуланти во селата. Нема лекарски лица. Треба да одат во најблиските градови. Па, како ќе одат. Од сето тоа настана голем проблем“, објаснува Петровска Митревска.

Надминувањето на проблемите се гледа во организирано надминување на родовата нееднаквост.

„И не се бориме за родова еднаквост во којашто сакаме да ги истакнеме жените над мажите. Туку, сакаме да постигнеме еднаквост во правата, во можностите и во заедничката работа и на мажите и на жените“, посочува Петровска Митревска од Федерацијата на фармери.

Сепак, битно е во изработката на мерките и законите активно да се слуша гласот на жените од руралните средини.

„Етничката припадност, религијата, има и жени со попреченост. Така што кога се градат политиките, ние мора да ја имаме разноликоста и специфичните потреби на различните групи во предвид“, вели Чаловска Димовска од „We Effect“.

Од Министерството за Труд и социјална политика се согласни дека во селата постои голема родова нееднаквост. Како дел од решенијата ја посочуваат стратегијата 2021-2026. Таа претежно е фокусирана кон овозможување поголема финансиска независност на жените. Стратегија опфаќа и отворање градинки во руралните области, и домови за стари лица. За 16 месеци, според министерството, во селата биле отворени 10 градинки.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG