На неодамнешната 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, еден од документите беше и Нацрт-одлуката на Центарот за светско наследство од 21 мај годинава, според која, по загрижената констатација „дека е направен мал напредок во исполнување на итните барања и препораки на Комитетот од 2017“, Охридскиот регион можеше да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
Македонските власти, сепак, со политичка одлука на сесијата, добија пролонгирање на рокот за преземање дополнителни мерки и изготвување на нов извештај до февруари 2020, за кој би се расправало на следната сесија во јуни истата година. По сесијата и одлагањето на одлуката за единственото заштитено УНЕСКО-добро во државата, следеа спротивставени реакции во македонската јавност.
За Владата, разврската во Баку е успех, а според нејзиното соопштение, одлуката - природното и културното наследство во Охридскиот регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност, Комитетот ја донел, откако „ги прифати аргументите на Владата на Република Северна Македонија и го препозна и поздрави прогресот кој е направен изминативе две години“.
За активистите од граѓанскиот сектор, се работи за „Пирова победа“ и само за „купување“ време за евтини политички поени, до соочувањето со неизбежното, следната година. А, имаше и коментари дека за Охридскиот регион можеби ќе беше и подобро да беше ставен на Листата на светско наследство во опасност, зашто, така се отвораше шанса за меѓународна, експертска и финансиска помош за заштита на природното и културното наследство, како и можност за преземање на ригорозна контрола од меѓународните институции и за функционирање на правната држава, нешто што локалната и централната власт во Македонија, досега немаа сили да го спроведат, затворајќи ги очите поради теснопартиски цели и интереси на локалните моќници.
Режисерот Александар Поповски во своето обраќање на минатонеделното отворање на 59. „Охридско лето“, најголемиот летен фестивал во државата, побара отстранување на дивоградбите кои го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство, нарекувајќи ги „диво месо“, според делото на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски.
На овој начин, и уметниците се вклучија во заострената полемиката околу неопходните чекори за кои локалната и централната власт се обврзаа дека ќе ги преземат, по одлуките од Баку. Но, проблемот, и без насоките од УНЕСКО, е голем и се провлекува со години наназад.
Според податоците изнесени во јавноста, во Охрид има 1.076 „дивоградби“, за кои, од 2006 до мај 2019, инспекциските служби утврдиле прекршувања на Законот за градење и донеле акти со кои се утврдени нелегалните градби
Според податоците изнесени во јавноста, во Охрид има 1.076 „дивоградби“, за кои, од 2006 до мај 2019, инспекциските служби утврдиле прекршувања на Законот за градење и донеле акти со кои се утврдени нелегалните градби. Од нив, дури 409 се лоцирани во заштитниот појас, на крајбрежјето на Езерото, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот.
Според препораките на Комитетот на УНЕСКО, Општина Охрид изработи Регистар на нелегалните градби на нејзината територија, и официјално, соопшти дека 82 предмета се однесуваат на урбана опрема, 16 - за времени објекти, 8 - за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети...
Работната група на Владата пак, го задолжи Министерството за транспорт и врски, со Националниот парк „Галичица“ и со општините Охрид, Струга и Дебарца, до 1 септември, да изработат регистар на нелегални градби во целиот Охридски регион.
Но, власта засега не може да изнајде заеднички јазик со опозицијата, а времето се троши во меѓусебни обвинувања за тоа кој има поголем степен на вина за актуелната состојба, за која и едните и другите сметаат дека е „страшна“. Дивеењето на „урбаната мафија“ доведе и до оценки за „сериозно влошување на материјалите, структурата, архитектурата и губење на историската автентичност или културно значење“ на Охридскиот регион.
Откако УНЕСКО побара воспоставување на целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на Езерото, сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита, властите да направат проценка на нелегалните градби, уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето и строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби…, во македонската јавност се полемизира, дали воопшто има доволно време и можности за уривање на над 400 објекти во следните седум месеци.
Локалната власт во Охрид пак, не смета дека УНЕСКО побарал уривање на сите дивоградби во заштитениот појас. Градоначалникот Константин Ѓеорѓиевски кој беше дел од делегацијата на Владата на сесијата во Баку, изјави во медиумите дека „УНЕСКО не бара од нас да урнеме 400 дивоградби бидејќи е тоа невозможно. УНЕСКО бара од нас да извршиме евалуација на влијанието на животната средина на тие објекти кои се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце, кога зборуваме за големи објекти“.
Ѓеорѓиевски истакна и дека, „на сите состаноци во Баку преовладувала исклучително позитивна атмосфера на доверба и разбирање за аргументите и фактите околу постапките на Владата и Општината, по однос на препораките на реактивната мисија“, и им понуди соработка „на експертската јавност, на граѓанскиот сектор и на медиумите“.
Од друга страна, дваесетина невладини организации меѓу кои и Граѓанската иницијатива Охрид SOS, Фронт 21/42 од Скопје, Eко Герила – Тетово..., а со поддршка и на Хелсиншкиот комитет, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институтот за европски политики – ЕПИ, Здружението на млади правници, објавија здружена реакција во која посочуваат дека текстот на Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион што требаше да влезе во собраниска процедура, се разликува од текстот дискутиран на јавната расправа на крајот на 2018 и презентиран на сесијата во Баку.
Според невладините организации, „предлагачите додале член со кој се уредува примена на т.н. Бадентеровото (двојно мнозинство), иако се работи за стручно тело со советодавна улога и без можност за донесување одлуки.
Загрижени дека законското решение повторно „ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи овој Совет и повторно ќе се реализираат штетни инфраструктурни проекти, а кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион и со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година“, активистите за заштита на животна средина се изјаснија за враќање на стариот текст, разгледуван на јавната расправа и презентиран пред Комитетот на УНЕСКО, а од Владата на РСМ децидно побара – „да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување на законските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот на РСМ, а кои посебно влијаат на природното и културното наследство“.
Реагираше и партијата на зелените – ДОМ, која исто така, во соопштение побара „надлежните институции веднаш да постапат согласно законските одредби и да започнат со уривање на нелегалните градби во Охридскиот регион...
Врвен приоритет е Препораката број 6 на УНЕСКО, за воспоставување мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се усвојат и да се обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење“.
Зоран Заев: Апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник Нефи, да си ги отстрани дивоградбите кои не можат да се легализираат, затоа што државата ќе ги тргне. Затоа што загрозен е Охрид со УНЕСКО, затоа што граѓаните реагираат, затоа што тоа е неправда
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска најави дека во случај локалната власт да не реагира според законот во поглед на дивоградби, во решавање на проблемот, преку одземање на надлежностите, ќе се вклучи и извршната власт.
„Сега-засега локалната, но се надевам, многу бргу и извршната власт, ќе покаже што значи законот и владеењето на правото. Дивоградбите треба да се урнат, затоа што не можат да се легализираат. УНЕСКО е екстра-причина. Разговарав со градоначалникот на Охрид дека очекувам да се постапи согласно закон, ништо помалку и ништо повеќе, ни мускули ни сила. Ако не се постапи, најавувам одземање на надлежностите, како што сум му најавил на господинот Мерко, градоначалникот на Струга… Ако не го спроведат законот, јасно е пропишано како се одземаат надлежностите и тогаш, државата постапува. Законот мора да важи за сите. Апелирам до сите граѓани, па и до почитуваниот советник Нефи, да си ги отстрани дивоградбите кои не можат да се легализираат, затоа што државата ќе ги тргне. Затоа што загрозен е Охрид со УНЕСКО, затоа што граѓаните реагираат, затоа што тоа е неправда“, изјави премиерот Заев.