Линкови за пристапност

Рок до февруари за уривање на дивоградбите: Охрид се спаси од „црната“ листа на УНЕСКО


Според експерти, одлуката во Баку е политичка и не му носи добро на регионот во однос на неговата заштита

Охрид се спаси од ставање на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО. На состанокот на Комитетот за светско наследство, кој се одржа во Баку, Азербејџан, на властите во Охрид и Северна Македонија им беше даден дополнителен рок до први февруари 2020 година да ги исполнат сите поставени барања. Се работи за барања што оваа светска организација ги достави уште во 2017 година, а кои уште не се исполнети.

Откако ќе заврши новиот рок, треба да биде испратен извештај до УНЕСКО што ќе покаже колку и што од забелешките се спроведени. Тоа ќе се разгледува идното лето, на состанокот во Кина.

Со деветнаесетте забелешки се бара да се прогласи мораториум на легализација на сите дивоградби како и рушење на сите нелегално изградени објекти во заштитеното подрачје. Помеѓу другите барања се и носење на законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување, решавање на проблемот со нефункционалниот колекторски систем. Потребно е и изготвување на нов проект за железничката пруга кон соседна Албанија и промена на трасата за автопатот од Требеништа до Струга, а понатаму и до границата со Албанија.

Во македонската владина делегација во Баку беа и Едмонд Адеми, министер без ресор и Константин Ѓеорѓиевски, градоначалник на Охрид. Тие ветија дека ќе работат на исполнување на забелешките.

„Ќе работиме напорно и сериозно да ја оправдаме довербата што денеска ја добивме. Ве уверувам дека ќе бидат отстранети сите аномалии и грешки. Ќе работиме на заштита и афирмација на природното и културно наследство на целиот регион“, рече Адеми во Баку.

Слично ветување дојде и од градоначалникот на Охрид.

„Оваа одлука се заснова на констатираниот напредок во реализацијата на препораките од мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2017 година и нашите заложби за успешноста на овој процес. Доделен ни е дополнителен рок за реализација на останатите препораки, а нашиот регион ќе биде на дневен ред и на 44-та сесија на Комитетот за светско наследство во 2020 година. Ја очекувам вашата поддршка во целокупниот процес“, рече Ѓеорѓиевски.

Но екологистите не се оптимисти дека државата ќе може да одговори соодветно во толку краток период.

„Ништо не е променето, само агонијата на градот и езерото е продолжена. Најверојатно нашите претставници во Баку мислат дека направија голема работа со тоа што градот и регионот не се ставени како подрачја кои се доведени во опасност. Но ситуацијата не е таква. Испуштена е можноста УНЕСКО многу подобро да реагира. Сите работи што се ставени како забелешки, стојат, не се избришани. Три- четири се реализирани, останатите стојат и тие треба да се решаваат во наредниот период. Не постои можност до февруари да се одговори соодветно на сите забелешки“, изјави за Гласот на Америка, Трајче Талески од еколошкото движење Охрид СОС.

Талески додава дека Македонија и владата испуштиле историска шанса да се му се посветат посериозно на градот и езерото со помош на меѓународни експерти и финансиски средства.

„Ова е политичка одлука. Лобирањето е таму. Ова се политички потези кои за жал не носат добро за регионот во однос на негова заштита. До февруари е невозможно да се срушат 1.000 дивоградби. До декември оваа година е даден и рок за донесување на планот за управување со Охридскиот регион, но тоа е тешко да се донесе до тогаш“, рече Талески.

Инаку според регистарот на дивоградби кој неодамна го направи општина Охрид,од вкупно 1.076 регистрирани дивоградби на подрачјето на целата територија, 409 се наоѓаат во заштитениот појас на крајбрежјето на Охридското езеро, Националниот парк Галичица и стариот дел на градот.

На состанокот во Баку и делот од Охридското езеро во Албанија е примен под заштита на УНЕСКО, со тоа што и тие имаат рок до 2020 година да ги отстранат сите проблеми со кои се соочуваат на нивна страна. Ова доаѓа откако пред една година властите во Тирана поднесоа номинација за приклучување и на нивниот дел.

Екологистите сметаат дека после ова, двете земји ќе треба да се усогласуваат за секое прашање и проблем кои го засегаат статусот под УНЕСКО. Охридскиот регион е под заштита од 1980 година.

Мораториум на легализацијата на дивоградбите, рушење на нелегално изградените објекти во заштитеното подрачје, носење на законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување, се меѓу барањата на кои е ставен најголем акцент. Притоа, УНЕСКО потенцира дека треба да се исполнат сите останати наведени барања, за што од страна на македонската влада до комитетот, заклучно февруари, треба да се испрати извештај за реализираното. Комитетот на наредната сесија што се очекува да се одржи идното лето повторно ќе расправа за прашањето на Охрид и повторно ќе одлучува дали да го стави на листата на загрозени подрачја.

XS
SM
MD
LG