Судија, блогер, писател. Поттикнувач на дебати за корупцијата во општеството и за вмешаноста на политиката во судството.
„Лошо би се чувствувал ако гледам појави во општеството за кои знам дека се многу поштетни од некакви кражби, а за тоа да молчам и да ја наведнам главата. Често се случуваа и околу мојата судница“.
Миодраг Мајиќ е судија во апелацискиот суд во Белград. Но и автор на блогови и дела во кои преку анализи и фиктивни приказни зборува за горчливиот проблем на Балканот - кревкото правосудство.
Не може општество со неразвиено правосудство да биде богато и напредно. Нема просперитет, ако владее корупцијата. Никаде не одиме, додека не ги отстраниме тие појави
„Зборувам и пишувам за нешто што сметам дека е исклучително штетно за овој регион. Тоа е фундаменталното непостоење и неизграденоста на судската власт, која претежно функционира само на хартија, а не и во реалниот живот“, вели Мајиќ кој беше гостин на фестивалот „Букстар“ во Скопје.
Една од неговите најпродавани книги е „Деца на злото“, напишана и според лични искуства. Во неа главни протагонисти се фиктивни ликови на судии, адвокати, политичари, вмешани во закани, корупција, политички притисоци.
„Секако дека тоа донесе и сè уште носи бројни непријатности. Но веќе ги оттргнав. Тоа е цената за тоа што го зборувам“, вели судијата.
Смета дека наследството од некогашните управувачки и владејачки системи на Балканот ги спречува демократските процеси.
„Во основа се бориме со една длабоко вкоренета култура во која има наклонетост кон владеењето на поединецот, наместо кон демократските механизми, кон поделбата на власта, кон распределбата на моќта во општеството“, истакнува Мајиќ.
Бавниот напредок во општеството и нискиот економски стандард ги поврзува токму со немањето здраво судство.
Механизмот за кривично гонење се користи за политичко дисциплинирање на противниците. Многу ретко се случува тој што е на власт или има поддршка од власта, да биде изведен пред суд за корупција
„Не може општество со неразвиено правосудство да биде богато и напредно. Нема просперитет, ако владее корупцијата. Никаде не одиме, додека не ги отстраниме тие појави“, категоричен е судијата и писател.
Додава дека проблем за регионот е што ретко се завршуваат судските случаи против лица од високи позиции.
„Сите што се занимаваме со кривично право, знаеме дека за едно општество е многу позначајно ако успеете докрај да истерате случај со макар и една високо-позиционирана личност, отколку со стотина ситни извршители. Се плашам дека одиме кон овој модел, кон процесирање на ситните извршители“, укажува Мајиќ.
Тој додава: „Постои и појавата што е типична за Србија, а веројатно и за регионот. Механизмот за кривично гонење се користи за политичко дисциплинирање на противниците. Многу ретко се случува тој што е на власт или има поддршка од власта, да биде изведен пред суд за корупција“.
Во книгите најчесто има еден јунак што се бори за правда. Но, во реалноста, како што вели судијата-писател, тоа треба да се институциите.
„Јунаците се за во роман и за во филм. Сериозните општества не се потпираат на јунаци. Ниту едно општество што се базира на некаков херој или херои, не може да биде успешно на долг рок. Тоа што на сите нам ни е потребно овде, се темелни и цврсти институции во кои моќта никогаш не е во рацете на поединецот“, посочува авторот.
Според книгата „Деца на злото“ на Мајиќ, наскоро ќе се снима и филм.