Миграцијата, борбата против криумчарењето бегалци, граничниот менаџмент и справувањето со организираниот криминал за заеднички проблеми на ЕУ и Западниот Балкан и затоа одговорот на овие предизивици треба да биде заеднички.
Ова беше заклучено на министерскиот форум меѓу Унијата и регионот што се одржуваше во Скопје. Целта на соработката меѓу балканските земји и Брисел е создавање стандардизирани безбедносни и правни системи што ќе обезбедат мир и сигурност за граѓаните.
„Исто така, треба да го разбиеме синџирот на криумчарење мигранти и да ги заштитиме оние ко се цел на тие криминални активности. Подоброто заедничко менаџирање на границите е клучно. Од мај годинава, ЕУ распореди свои тимови за да и помогнат на Албанија подобро да ги чува своите граници. Неодамна потпишавме граничен договор со Црна Гора, а набрзо таков ќе биде потпишан и со Србија“, рече Димитрис Аврамопулос, еврокомесарот за внатрешни работи.
Миграцијата, граничната безбедност, насилниот радикализам и организираниот криминал се области каде треба заедно да работимeМарија Охисало, министерка за внатрешни работи на Финска
Министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охисало, ги нагласи областите во кои е неопходна заедничка соработка.
„Миграцијата, граничната безбедност, насилниот радикализам и организираниот криминал се области каде треба заедно да работиме. За финското претседателство, зајакнувањето на заедничките вредности, владеењето на правото и заштитата на граѓаните се клучни“, рече Охисало.
На форумот се дебатирало и за тероризмот и за опасноста од лицата кои од странските боишта се враќаат во своите земји во Европа.
„Управувањето на границите и борбата против криумчарењето мигранти остануваат наши заеднички приоритети и за ЕУ и за Западен Балкан. Затоа се обврзавме да ги решиме овие проблеми преку задграничната соработка. Тероризмот претставува глобална закана, а особено враќањето на борците од странските воени зони“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Спасовски ги информирал останатите министри дека се водат кривични постапки против овие повратници и дека дел од нив веќе се во затвор. За оние кои се дел од семејствата на странски борци, а се сè уште во кампови во Сирија и Ирак, според Спасовски, потребна е репатријација во државата за што се изготвува посебна програма за ресоцијализација.