Линкови за пристапност

Демократите и републиканците во жестока политичка битка за измени во гласачките права


Битката за гласачките права е само една од последните колатерални штети од длабоката партиска поделеност во нацијата.

Илјадници луѓе ќе маршираат по Националното шеталиште во главниот град Вашингтон на 28-ми август за да ја одбележат 58 годишнината од познатиот говор на Мартин Лутер Кинг „Јас сонував“ со барање за усвојување легислатива за гласачки права.

По вжештената атмосфера по претседателските избори во 2020-та, демократите и републиканците се наоѓаат во жестока битка да ги реформираат законите за гласање на државно и федерално ниво, за подобро да се позиционираат за идните избори.

Републиканските државни законодавци низ земјата, и натаму шират неосновани тврдења дека на поранешниот претседател Доналд Трамп му е одземен вториот мандат и се заложија за усвојување рестриктивни закони кои би спречиле лажирање со гласачките ливчиња.

Демократите инсистираат дека многу од тие мерки не се неопходни и оти може да им го ускратат правото на гласање за милиони Американци и најавија дека ќе ги блокираат таквите иницијативи, се конгресни акции.

Демократите возвратија со промовирање закони на федерално ниво кои треба да ги поништат многу државни закони усвоените во сојузните држави каде гувернери се републиканци. И покрај заложбата на администрацијата на Бајден се туркаат тие закони, кои се заглавени во поделениот сенат, мали се шансите да стасаат да бидат ставени на гласање.

Битката за гласачките права е само една од последните колатерални штети од длабоката партиска поделеност во нацијата.

Во јуни, сенатските републиканци ја блокираа дебатата за претходно усвоениот „Акт за граѓаните“ во Претставничкиот дом, што требаше да преставува најголема реформа во американската изборен систем во една генерација. Со легислативата ХР1, меѓу другите работите, требаше да биде ставен крај на манипулирање со поместување на границите на конгресните општини во корист на една или друга партија, закони за надгледување на придонесите во една политичка кампања, и заштита на гласачките права.

Потпретседателката Камала Харис, изјави дека законот е блокиран, и потенцираше дека главно прашање околу кое се кршат копјата во него е пристапот до гласање.

Но, многу аналитичари велат дека федералниот закон и натаму ќе биде блокиран се додека демократите не преземат сериозни чекори за ставање крај на правилото филибастер во Сенатот, кое бара двотретинско мнозинство за да може да биде усвоена некоја легислатива.

Во ова законодавното Тело, поделено 50-50, каде потпретседателката Харис има одлучувачки глас, на демократите им треба и поддршка од најмалку 10 републиканци за да го стават законот на гласање.

Либералните демократи го повикаа сенатското демократско лидерство да го елиминираат правилото филибастер со цел да бидат усвоени изборните реформи и другите делови од демократската агенда. Но, барем засега, претседателот Бајден и двајца демократски сенатори се противат на таквиот пристап.

Промените во изборните закони на државно ниво веќе земаат замав. Според Центарот за правда Бренан, 17 сојузни држави усвоија 28 закони со нови ограничувања за гласањето годинава, откако Трамп излезе со неосновани тврдења дека изборите во 2020-та, му се украдени.

На претседателските избори во 2020-та, беше регистрирана рекордна излезност. Според истражувачкиот Центар Пју, речиси две-третини од гласачите го пополниле гласачкото ливче, највисока излезност од изборите во 1900.

Конгресните демократи и некои аналитичари наведуваат дека ова е причината за ваквото забрзување на процесите во сојузните држави под контрола на републиканците за ограничување на гласачките права.

Но, лидерот на сенатското малцинство Мич Меконел и други сенатски републиканци ја критикуваа легислативата на демократите, аргументирајќи дека има широка поддршка за закони кои што го штитат интегритетот на гласањето.

„Американците сакаат да биде поедноставно да се гласа, а потешко да се мами“, изјави Меконел во јуни од говорница во Сенатот. Тој, цитирајќи легислатива, од Тексас, рече дека „гласачката карта за идентификација, на пример е, популарна меѓу мнозинството Афроамериканци, белци и латино-американци“.

Истражувањето на јавното мислење покажа дека Американците поддржуваат елементи од двете страни на аргументите. Анкета што ја спроведе Универзитетот Монмаут во јуни 2021-ва, покажа дека 71% од луѓето поддржуваат рано гласање, додека 80% од испитаниците поддржуваат презентирање некој вид на идентификација со цел да гласаат.

Анкетираните се поделени кога станува збор за олеснување на пристапот да се гласа по пошта.

Можеби најдобро ја сублимираше состојбата сенаторот Џеф Меркли, демократ од Орегон: „Ако ги прашате граѓаните ширум САД, републиканци, независни или демократи, сите ќе ви кажат дека сакаат да запре манипулирањето с менување на границите на гласачите во општините од било која партија. Тие сакаат да бидат запрени нечистите пари кои им овозможуваат на милијардерите и корпорации да имаат влијание врз исходот на изборите. Конечно, тие, сите, сакаат да са заштитат гласачките кутии, пулсирачкиот импулс на срцето на нацијата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG