Линкови за пристапност

Спас за Водно


Активистите за здрава животна средина најавуваат „жив штит“ околу градилиштето на гасоводот низ заштитената Парк шума над Скопје

„Водно е наше, на граѓаните! Не отстапуваме од ставот – ’Не за гасоводна траса низ Водно!’. Уште еднаш би сакале да го потенцираме нашиот цврст став против минување на магистралната гасоводна траса низ заштитената Парк шума Водно...“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Татјана Стојановски, во име на граѓанската иницијативата за запирање на одлуката на власта делницата на идниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар да продолжи да се гради по трасата низ Парк шумата Водно, на истоимената планина над Скопје.

Нашата соговорничка е една од стотиците граѓани, членови на разните скопски организации и здруженија, како „Го сакам Водно“,„Спас за Водно“, „ Гоу Грин,“, „О2 Коалиција“, „Плоштад Слобода“, „Еко Свест“, „Стоп на загадувањето“, „Зелено Тафталиџе“, „Еко Карпош 3,2,1“, „Фронт 21/42“, „Ние сме Карпош 4“, „I love hiking“, „Грин Пауер“, „Скопје Смог Аларм„..., кои жестоко и се спротивставуваат на одлуката на Владата со која ќе биде загрозено заштитеното подрачје и ќе бидат исечени стотици кубни метри дрва.

„Владата со својата објава во која го поддржува гасоводот низ Водно, дава еднострано, симплифицирано, нецелосно и нереално толкување на проблемот со кој се соочуваме“, вели Стојановски. И продолжува: „И покрај сите наши укажувања и аргументи кои се против гасоводот да оди низ Водно, нивниот став останува непроменет и за нас е тоа знак дека мора да започнеме со подрастични мерки. Започнуваме со патролирања на местото на кое се стационирани багерите и секое понатамошно продолжување со работа на багерите - ќе го браниме со жив штит! Водно е наше, на граѓаните! Одговорноста која Владата ја потенцира е кон нас, граѓаните. Гасовод - да, но не - низ Водно!“, децидна е Стојановски во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.

Така, граѓаните кои на социјалните мрежи бараат заштита на, како што велат „единствениот природен дел над Скопје“, најавуваат и патроли околу градилиштето и „жив штит“.

„Дојде време Водно да се брани на терен. Дојде време кога сите сме му потребни на Водно. Друго нема. Владата одобрува градење, багерите ќе работат... Ако сакаме да спречиме уште еден масакр и тоа најтежок досега, по сите кули, патишта, градови на Водно, во име на ’подобра“ иднина за сите, секој, буквално секој, што може, да дојде горе! Колку и да е тоа кратко, дали пешки, дали со автобус до Средно Водно, па со жичарата до врвот, а оттаму до Седло, каде се багерите, сите сме потребни горе на Водно!“, се вели во повикот на граѓански отпор на активистите до граѓаните на македонската престолнина, која последниве години е на врвот на листата на градовите во Европа со највисоко аеро-загадување.

Претставници на еколозите и на граѓанските активисти имаа две средби со претставниците на власта на кои го изразија својот револт, но до последните реакции на социјалните мрежи и иницијативите за блокади на градбата, дојде по интервјуто за МИА на челникот на Македонските енергетски ресурси (МЕР) Барјам Реџепи, кој потврди дека Владата решила делницата Скопје – Тетово – Гостивар од гасоводот, сепак да се гради по спорната рута, но со намалување на ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и изменување на трасата на самиот врв на Водно поради високостеблестата шума.

Претходно, во март годинава, МЕР, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје, добија задача за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение, но тоа до денес не е најдено.

И Владата излезе со соопштение во кое се тврди дека „гасоводот e типичен еколошки проект кој ќе има сериозно позитивен ефект за животната средина“ и се вели дека „постојано се следат реакциите на граѓанските организации и токму поради тоа, преку надлежните институции, се пристапи кон планирање нова траса за гасоводот кој поминува преку Водно, со цел обезбедување реализација на овој еколошки проект, со минимален ефект врз животната средина“.

Според Владата, со новиот предлог, опфатот на интервенција врз дрвна маса е намален од 3.000 на околу 1.400 кубни метри, механизацијата е на локацијата веќе четири месеци, но се одвиваат единствено „подготвителни активности за препроектирање на трасата, со цел обезбедување нова траса со која ќе се обезбеди максимална заштита на животната средина“.

Потенцирајќи дека новата траса ќе предизвика поголеми трошоци, но ќе обезбеди и најмала можна штета врз животната средина, како и дека на местото на оштетената вегетација, ќе биде засадена нова, во соопштението до јавноста, Владата тврди и дека: „дефинирање целосно нова траса за овој гасовод не е можна, бидеjќи тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните: губење време за реализација на гасоводот, правни проблеми со експропријација на земјиште, губење на заемот со исплата на дополнителни големи камати, сериозно одложување на реализација на еколошкиот проект-гасовод, и со тоа поттикнување натамошно греење со огревни дрва, наместо со гас, што ја загрозува животната средина“.

И на тоа реагираа борците за здрава животна средина. Еко-активистот Давор Пехчевски, напиша дека „на секој обид за конструктивна дискусија и на секој презентиран аргумент, Владата продолжува да одговара со паушални изјави и лаги“.

Тој е дециден дека „според релевантните подзаконски акти, мора да се повтори постапката за оцена на влијанието врз животната средина, без разлика во која фаза на реализација е проектот, а истовремено, Министерството за транспорт и врски е должно да издаде забрана за градење за да спречи дополнителна штета врз Водно додека трае постапката“.

Меѓу бројните прашања кои според еко-активистот Пехчевски остануваат неодговорени од власта, се и следните: Постои ли студија која образложува зошто Водно е помалку важно од гасоводот? Колку време ќе биде потребно за експропријација на имотите на останатиот дел од трасата и колку реално ќе се одложи реализацијата на гасоводот доколку се поштеди Водно од понатамошно силување? Колкава е финансиската штета од преместување на трасата на северната страна од Скопје? Колку ќе нè чини да спасиме едно парче земја кое е важно за сите скопјани?...

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG