Гласот на Америка ја отпушти поранешната шефица на редакцијата на мандарински јазик и суспендираше уште еден менаџер по повеќе од едногодишна истрага за наглото прекинување на интервју во живо во програма со жесток критичар на кинеската влада.
Агенцијата исто така спроведе независна истрага и пронајде дека нема докази за обвинувањата дека владината агенција го прекинала интервјуто поради притисокот од кинеската влада, која можеби инфилтрирала кинески шпион.
Директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет ја објави одлуката преку електронска порака до вработените синоќа, објаснувајќи дека Агенцијата „отпуштила еден, а временски суспендирала уште еден вработен“.
Други двајца постојано вработени новинари во Мандаринскиот сервис чекаат на дисциплинска одлука за нивните акции. Петтиот вработен е вратен на работа, кусо време по инцидентот. Мандаринскиот сервис неделно го гледаат по 40 милиони гледачи во Кина.
Директорката Бенет одби да ги идентификува инволираните индивидуалци, истакнувајќи дека се работи за „интерна работа“. Сепак, долгогодишната шефица на редакцијата Саша Гонг, потврди дека е отпуштена, а менаџерот Хјучен Занг, потврди дека е суспендиран.
Гонг, јавно, ја обвини Агенцијата дека го прекинала интервјуто со кинескиот бизнисмен Гуо Венгуи поради притисок од Пекинг и упати на секакви прашања до нејзиниот адвокат Пол Кујонага, кој најави дека Гонг ќе ги искористи сите “расположливи правни средства да ја обжали одлуката“.
„Одлуката на Гласот на Америка да ја отпуштат Гонг е карикирање на секој што верува во Првиот амандман, новинарскиот интегритет и независноста на работата на федералните агенции“, изјави адвокатот Кијонага.
Во пораката до вработените во Гласот на Америка, Бенет рече дека одлуката доаѓа по четири одделни истраги. „Сите дошле до ист заклучок дека прекинувањето на интервјуто е резултат на обидот на највисокото водство на Гласот на Америка да го заштити претходно договореното, согласно новинарските стандарди. Истрагата не пронајде докази да ги поткрепи обвинувањата за притисок од кинеската влада, наводно преку инфилтрирани шпиони во Гласот на Америка.
Запрашана за ваквите тврдења, Бенет рече дека „секогаш кога има обвинувања дека странски сили се инфилтрирани во американска владина агенција, и преземале мерки, тоа е сериозно обвинување, на кое му се пристапува сериозно. Сепак, не најдовме докази дека тоа е точно“.
Таа рече дека преземените чекори од Агенцијата ќе покажат дека „сме професионална новинска агенција која ја почитува највисоката новинарска пракса, која не ги премолчува, туку ги коригира грешките, но ако се коригирани, тогаш стои зад известувањето. Тоа се очекувањата за секое професионално однесување од секој во Гласот на Америка“.
Facebook Forum