Линкови за пристапност

„Анти-ваксер“ феноменот е последица на драстичниот пад на здравствената култура!


Иако властите тврдат дека само со стапка на вакцинација од над 95%, ќе се обезбеди колективен имунитет, т.н. анти-ваксерско движење и понатаму се шири преку неформални групи на социјалните мрежи

Откако министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук обелодени дека Владата донела заклучок - во основните училишта да може да се запишат единствено вакцинирани деца, и владиниот портпарол Миле Бошњаковски го потврди децидниот став дека „нема да се отстапува од донесените мерки по епидимијата од морбили/мали сипаници, прогласена на територијата на цела држава и дека во новата учебна година нема да се запишуваат првачиња без картон за вакцинација“, во согласност со обврската пропишана со член 46 став 2 од Законот за основното образование.

Со тоа, задолжително е вакцинирањето со МРП вакцината против морбили, како и со останатите вакцини предвидени според вакциналниот календар.„Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив!“, беше дециден Бошњаковски, кој потенцираше дека во координација со Министерството за образование, теренската вакцинација ја спроведува Министерството за здравство според планираната динамика, како и дека мора да се подигне степенот на имунизација на сите граѓани за да се спречи ширење на епидемијата на морбили.

И Министерството за труд и социјална политика донесе измени и дополнувања на Правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој, според кои, и при упис на деца во градинка, задолжително се приложува потврда за нивниот вакцинален статус.

Од појавата на епидемијата на мали сипаници, во Северна Македонија се заразени 1.285 лица, а четири деца починаа. Најзагрозени се децата до една година, кои според возраста не подлежат на вакцинација. Според податоците објавувани во медиумите неделава, во Скопје се вакцинирани 13,684 од 16,361 деца на соодветна возраст, но во внатрешноста има 14.000 деца на возраст до пет години кои не примиле МРП вакцина, а заразени од морбили има во дури 21 град. Иако властите тврдат дека само со стапка на вакцинација на над 95%, ќе се обезбеди колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на болестите меѓу популацијата, паралелно јакне и таканареченото анти-ваксерско движење на социјалните мрежи.

Од друга страна, и министерот за образование Арбер Адеми апелираше родителите да ги вакцинираат децата, зашто во спротивно, можат да добијат прекршочни пријави, како за непочитување на Законот за заштита од заразни болести, така и за недозволување на децата да одат во задолжителното основно образование, за што се предвидени казни од по 1.500 евра во денарска противвредност.

Педијатарката д-р Љиљана Којиќ, која по 27-годишен стаж во Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар во Скопје, отвори приватна ординација по педијатрија и општа медицина, како специјалист со 20-годишно искуство, за Гласот на Америка на македонски јазик, за проблемот со вакцините, изјави:

„Недовербата во вакцините беше глобален тренд во светот во изминативе две декади. Овој тренд кај нас, како и сè друго, малку доцни, па со кулминирање на анти-вакциналното движење се соочуваме сега. Овој феномен на одбивање на вакцинирање се должи на драстичниот пад на здравствената култура кај населението и на губењето доверба во конвенционалната медицина и здравството во изминативе три декади, од осамостојувањето на Македонија, до денес. Со жалење, можам да констатирам дека нивото на здравствената култура кај населението во државата, денес е пониско од она во 1991, кога почнав да работам како лекар... Со избивање на епидемија на мали сипаници/морбили се актуелизираа и полемиките околу вакцините, нивната делотворност и квалитет“.

И Светската здравствена организација предупредува за опасностите од проширување на болеста, а според медиумските извештаи, само.во Европа, во последните два месеца имало над 34.000 лица заразени од морбили, и 13 смртни случаи! Според „Евробарометар“, дури половина од граѓаните на Европа се неинформирани за вакцините, а најлоша е сликата во Бугарија, Летонија и Кипар, но и ситуацијата во Македонија, е мошне сложена и неопходно е преземање итни чекори за јакнење на здравствената едукација на населението. Иако стотици деца се инфицирани со морбили, или се лекуваат поради компликации на болеста, а на почетокот на месецов последната жртва беше 11-месечно бебе, и иако најголемиот број досега објавени студии на епидемиолозите потврдуваат дека редовната вакцинација е сепак неопходна, дел од родителите во Северна Македонија се исплашени и се спротивставуваат на вакцинирањето на нивните деца. Тие се повикуваат на нивните права, но најчесто нема јасен одговор на прашањето за повредувањето на правата на другите деца и родители, кои се загрозени од намалувањето на стапката на вакцинација и ширењето на епидемии.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, д-р Којиќ истакна дека „родителите по однос на вакцините имаат два става: поголемиот дел, за среќа, редовно ги вакцинира своите деца. За жал, постои и друга група на родители, која одбива да ги вакцинира своите деца. Оваа група не е хомогена, и таа се дели на две подгрупи: во првата, помалубројната се тврдокорните ‘анти-ваксери’, кои по секоја цена одбиваат вакцинирање на децата и веруваат во светски заговор и слични теории што немаат научна поткрепа. Во другата, поголема група, се луѓе кои се едноставно исплашени и збунети од морето на дезинформации со кои се сретнуваат во медиумите (претежно во електронските) и на социјалните мрежи.

Една од тезите, по разобличувањето на лажната студија на Ендрју Вејкфилд од пред 20 години, е дека во Македонија има неквалитетни вакцини од Индија, или некоја од земјите од Третиот свет. Она што сигурно го знам е дека во последните пет години, во Македонија се увезуваат вакцини од два производитела на вакцини кои се помеѓу најреномираните: компаниите ‘Глаксо-Смит-Клајн’ и ‘Санофи’. А дека тезата за претходен увоз на наводно неквалитетни вакцини е неточна, говори и фактот што досега немавме епидемии“, децидна е педијатарката.

Европската комисија веќе предупреди дека постои ризик повторно да се појави болеста полио миелитис/детска парализа. Тоа стравување го споделува и нашата соговорничка.

„И не се само морбилите во прашање: тука се и црната кашлица, која за првпат по многу децении повторно се појавува - во последниот квартал од 2018 во Северна Македонија се регистрирани три случаи на црна кашлица, од кои еден е новороденче старо 17 дена. И секако, полио-миелитсот или детската парализа, која мене лично ме загрижува најмногу. Имено, од 2003 година, согласно податоците на СЗО, како последица на растечкиот тренд на не-вакцинирањена децата, Северна Македонија веќе не е ‘Polyo-free’ држава, и мислам дека треба на родителите јасно да им се предочи дека, доколку не ги вакцинираат своите деца, ризикуваат при секое кашење во езеро, море или базен, детето да им заболи од детска парализа!“

Без оглед на ваквите алармантни тонови на епидемиолозите и педијатрите, спротивставувањето на задолжителното вакцинирање не стивнува, а реакциите во јавноста се исто така антагонизирани.

Хелсиншкиот комитет смета дека одлуката на Владата е во согласнот со Уставот и законите, односно дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.

Според правното толкување на организацијата, „задолжителната вакцинација, која е предвидена со наведениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Ова особено се однесува на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Од духот на уставните одредби, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот“.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните човекови права на засегнатото лице, со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ пак, укажа дека „ниедно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес, без оглед на здравствената состојба или вакциналниот статус“ и дека.„државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување, образование на сите деца“.

„Меѓаши“ препорачува „родителите да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата, но и за сите позитивни и негативни ефекти од истата, како и информации за квалитетот и безбедноста на вакцините“, како и „државата да преземе одговорност ако има негативни реакции врз здравјето на децата како резултат на вакцинација, воедно да гарантира квалитет што нема да биде проследен со најразлични афери (на пример, вакцини со изминат рок или сомнителен квалитет)“.

Соговорничката на Гласот на Америка на македонски јазик, д-р Којиќ им препорачува на родителите „да не подлегнуваат на бомбастичните сензационалистички написи на одредени портали, кои се ‘жолт печат’, и кои тоа го пправат од комерцијални причини (имено, со секој клик на бомбастичен наслов со анти-вакцинален карактер, порталот остварува профит) и на неуките статуси на социјалните мрежи, како и да не им ја ускратуваат на своите деца придобивката која ја уживале и самите, зашто се среќаваме со враќање на примитивните, искоренети болести за кои сме учеле само од книга и не сме имале прилика да ги видиме во живо“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG