Линкови за пристапност

САД ги критикуваат кинеските „државно-спонзорирани“ кибернетски напади


Продолжува истрагата за обемниот хакерски упад во базата на податоци за вработените во федералната влада

САД ја критикуваа Кина за државно-спонзорирани кибернетски напади, во време кога властите во Вашингтон продолжуваат да го истражуваат обемниот хакерски упад во базата на податоци за вработените во федералната влада.

„И натаму сме длабоко загрижени за кинеската владино-спонзорирана, кибернетски-овозможена кражба“, изјави синоќа секретарот за финансии Џек Лу, на вториот ден од безбедносните и економски разговори на високо ниво САД-Кина во Вашингтон.

Лу директно не ја спомена серијата на напади обелоденети порано месецов, во коишто хакерите дошле до или украле сензитивни лични податоци за милиони сегашни и поранешни вработени во американската влада. Владата на Обама не го обвини отворено официјален Пекинг дека е зад дигиталниот напад врз Канцеларијата за управување со персоналот (ОПМ), но разни владини претставници кажаа дека се се` поубедени во тоа.

Пред годишната средба со кинеските претставници во Вашингтон неделава, виш претставник на Стејт департментот најави дека за хакерскиот напад ќе се разговара „на мошне директен начин“. Засега не се објавени детали за таквата дискусија.

Но, затоа на виделина излегоа нови детали за хакерскиот упад во комјутерите на ОПМ. Според конгресни претставници коишто биле брифирани за случајот и дале информации за ТВ-мрежата ЦНН, директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми сега верува дека биле загрозени податоците на до 18 милиони сегашни и поранешни вработени во федералната влада, како и кандидати за вработување. Тоа е многу повеќе од првичната бројка од 4,2 милиони којашто ја соопшти ОПМ. Според медиумските извештаи, хакерите успеале да дојдат и до крајно чувствителни информации во досиејата од безбедносните проверки на вработените.

Кинеската влада енергично порекна дека е зад нападот и ги криткуваше американските владини лица и медиумите за шпекулација.

Кинескиот државен советник Јанг Џеачер кажа дека Кина е подготвена за поблиска соработка со САД на проблемот со кибернетскиот криминал и дека Пекинг поддржува „меѓународен кодекс на однесување за споделување на кибернетските информации“.

XS
SM
MD
LG