Линкови за пристапност

Македонија котира високо во Извештајот на Стејт департментот за борба против трговијата со луѓе


Aмбасадата на САД им честиташе на властите; ги повика да ги засилат напорите и земјата „да остане регионален лидер во оваа сфера“

„Ропството на модерното доба“, како што Стејт департментот ја нарекува трговијата со луѓе во својот најнов, денес објавен извештај посветен на проблемот, ја погаѓа светската економија, а милиони луѓе се наоѓаат во канџите на бескрупулозните трговци во речиси секоја држава во светот.

Државниот секретар Џон Кери рече дека трговијата со луѓе „е индустрија“ од 150 милијарди долари годишно. Тој кажа дека извештајот годинава е повик на акција, и ги повика владите во светот да ги зајакнат законите во оваа сфера. „Како и секоја нација, и ние имаме одговорност да сториме повеќе во таа насока“, додаде Кери.

Во редовниот, годишен извештајот на Стејт департментот, земјите се поделени во три групи. Македонија е во најдобрата, прва група на земји со влади коишто целосно ги исполнуваат минималните стандарди на Актот за заштита на жртвите на трговијата со луѓе. Сите земји од соседството стојат полошо од Македонија.

Во делот за Македонија се вели дека земјата е извор, транзитно подрачје и крајна дестинација за лица кои се жртви на сексуална експлотација и принудна работа. Македонските жени и деца главно се предмет на сексуална експлоатација во ресторани, барови и ноќни клубови во земјата. Деца, претежно Роми се предмет на принудно питачење и сексуална експлоатација преку принудни бракови. Странските државјани, коишто се предмет на сексуална експлоатација, доаѓаат претежно од Источна Европа, особено од Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Косово, Србија и Украина.

Стејт департментот наведува дека македонската влада спровела истрага за седуммина полицајци за вмешаност во трговијата и дека биле осудени четворица. Во извештајот стои и дека лани бројот на осудени лица за трговија бил најмал последниве пет години; дека владата ги зголемила средствата за помош на жртвите; дека по првпат била идентификувана жртва на принудно питачење, но и дека вкупниот број на жртви бил помал од оној во 2013-та.

Во делот за заштитата на сведоците, американската влада укажува дека Македонија има половичен напредок во оваа сфера.

“Американската влада и` честита на Македонија што повторно го постигна статусот на земја од прва категорија. Напорите на Владата на Македонија во борбата против овој ужасен злочин во изминатата година вклучија гонења и пресуди за полициски службеници за вмешаност во трговија со луѓе, иницијатива за идентификување на деца-жртви и нивно пријавување во организации што нудат помош, како и значително зголемување на буџетот за заштита и поддршка за жртвите“
Амбасада на САД во Македонија

Во препораките, се вели дека земјата мора енергично да ги истражува, гони и да покренува обвиненија против трговците со луѓе, корумпираните официјални лица, судии, обвинители, како и да овозможи соодветна заштита на жртвите и сведоците, да спречи заплашување и повторна траума за време на судските распити, и да ја зголеми свеста во јавноста за нивото на трговија со луѓе и принудно питачење.

Коментирајќи на извештајот, Амбасадата на САД во Скопје објави писмено соопштение во кое наведува дека „американската влада и` честита на Македонија што повторно го постигна статусот на земја од прва категорија. Напорите на Владата на Македонија во борбата против овој ужасен злочин во изминатата година вклучија гонења и пресуди за полициски службеници за вмешаност во трговија со луѓе, иницијатива за идентификување на деца-жртви и нивно пријавување во организации што нудат помош, како и значително зголемување на буџетот за заштита и поддршка за жртвите“, се вели во соопшението од американската амбасада во Скопје.

Американската амбасада ги повика македонските власти во наредните години уште повеќе да ги засилат напорите со цел, како што се вели, Македонија „да остане регионален лидер во оваа сфера“ и се надева на „понатамошно партнерство со Македонија за ова, но и за други витлни прашања од областа на владеењето на правото“.

XS
SM
MD
LG