Линкови за пристапност

Малиот македонски пазар – пречка, но и предизвик за младите да отворат свои бизниси


Малиот пазар, немањето доволно добавувачи, недоволниот пласман се најчести проблеми со кои се соочуваат младите македонски претприемачи. Сепак, многумина од нив не се откажуваат и се решени да успеат во нивните Старт-ап бизниси

Осум години. Толку време постои студиото „Преплет“ од Скопје, кое денес е едно од препознатливите брендови за дизајн и продажба на подароци.

„Главното ни е да пренесуваме емоција, да пренесуваме порака и производите што ги правиме, да бидат повеќе од предмет. Да имаат во себе содржина што ќе побуди нешто кај човекот кому е предадено“, вели Емилија Ланговска, дизајнер и проект-менаџер, студио „Преплет“.

Малиот македонски пазар – пречка, но и предизвик за младите да отворат свои бизниси
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00


Бизнисот го води тим од млади девојки кои почнале од нула. Знаење за економија немале, но имале идеја дека сакаат да направат нешто свое и нешто ново.

„Дури и некогаш, кога се губи насоката, после направен разговор, одржани состаноци, бреинсторминг, секогаш знаеме за што се залагаме и секогаш сме свесни дека тоа ни одговара. Тоа е една многу позитивна работа, што не ја добиваш во ниту еден момент кога работиш за некого и за некоја цел која не ти е толку при срце на некој начин“, додава Ланговска.


Бројот на младите заинтересирани за сопствена дејност постепено расте. Според истражувањето на „Startup Macedonia“, направено годинава, на македонскиот пазар активни се околу 300 „Старт-ап“ бизниси. Во селекцијата, клучен критериум била иновативноста.

Да не постојат финансиски поддршки и фондови, малите бизниси не би можеле да се пробаат во нешто плус или во некоја друга насока
Емилија Ланговска, Студио „Преплет“


„Не е само компанија помлада од пет години, туку внесуваме доза на иновативност, голем потенцијал за раст, што за нијанса го прави малку поразличен од традиционалното мало или микро претпријатие“, истакнува Игор Маџов, програмски директор на „Startup Macedonia“.


Сепак, малиот македонски пазар си го прави своето. Главна пречка е немањето широка можност за пласман на производите. Алтернатива за развој е конкурирањето на разни проекти.

Ги знаевме барањата на помладите претприемачи, дека полесно би им било прво да ја пласираат нивната идеја, па доколку биде оценета како успешна, да пристапат кон отворање фирма
Тања Илијевска, Фонд за иновации и технолошки развој


„Да не постојат финансиски поддршки и фондови, малите бизниси не би можеле да се пробаат во нешто плус или во некоја друга насока“, вели дизајнерката Ланговска.

Засега битен инструмент во напредокот на домашниот Старт-ап екосистем е Фондот за иновации и технолошки развој. На нивниот последен повик за поддршка „Стартапувај 3“ пристигнале 616 апликации. Новитет во повикот се отворените врати и за тимови што немаат фирми.

„Особено нè израдува фактот што 42 отсто од примените апликации се фактички апликации поднесени од проектни тимови. Таа можност за првпат ја предвидовме во овој вид инструмент, токму поради тоа што ги знаевме барањата на помладите претприемачи, дека полесно би им било прво да ја пласираат нивната идеја, па доколку биде оценета како успешна, да пристапат кон отворање фирма“, објаснува Тања Илијевска, раководителка на Секторот за стратешко планирање при Фондот за иновации и технолошки развој.

Патот до успехот не е лесен, но младите претприемачи се одлучни да продолжат.

„Не е лесно никогаш да се стигне до успех. Но, вреди да се залагаш за нешто во коешто веруваш дека ќе успее“, категорична е Ланговска од „Преплет“.

XS
SM
MD
LG