Линкови за пристапност

ДОМ бара јавноста да биде информирана за генетски модифицираната храна


Демократската обнова на Македонија (ДОМ) упати јавно прашање до Агенцијата за храна и ветеринарство, во чие име се води отворената кампања за масовен влез на ГМО во Македонија? Според ДОМ, „необично звучат изјавите на првиот човек на оваа институција, со силни заложби за ГМО, кога токму од него се очекува да биде на браникот за гарантирано здрава и безбедна храна, за автохтони сорти и органско производство!“

До ваквата јавна прозивка дојде откако на 11 септември, на трибината „ГМО, ГМО-храна и ГМО-храна за исхрана на животни“, во организација на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, претседателот на Агенцијата Зоран Атанасов, според медиумите истакна дека „од генетски модифицираните организми регистрирани во светски рамки, досега не е евидентиран ниту еден штетен случај врз здравјето на луѓето“.

Директорот Атанасов, тогаш потенцираше со воспоставената мониторинг-програма е утврдено дека во Македонија има генетски модифициран ориз, како и дека е увезена генетски модифицирана соја (шницли и трошки), дека Агенцијата засега само детектира, но и дека доколку „во иднина се усвојат новите законски прописи за праг на толеранција, ќе одиме и на утврдување на квантификација на присуството на ГМО“.

Според Атанасов, кој е дециден дека институциите во Македонија се способни да гарантираат безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство доставила Предлог-правилник до Владата, со измени направени според европската регулатива, но, дека се чека ставот на власта.

По трибината, ДОМ побара официјални одговори. „Работите со ГМО се премногу сериозни за паушални изјави. Сите сме потрошувачи кога се работи за храна и сите имаме право на точна информација и избор“. порача ДОМ.

„Постојат обемни директиви на ЕУ за постапување со ГМО, што веројатно не е случајно. ГМО по дефиниција доведуваат до големи монокултури и индустриско земјоделство и сточарство... Значи, ако некој планира измени поврзани со ГМО, очекуваме јавно да ги каже своите аргументи и да отвори јавна дебата“, се вели меѓу другото во јавното обраќање на ДОМ до Агенцијата за храна и ветеринарство.

На почетокот на август, при реализација на Програмата за мониторирање на безбедноста на храната во Република Македонија, Агенцијата за храна и ветеринарство откри два случаја со производи позитивни на ГМО, за што јавноста на прес-конференција ја извести директорот Зоран Атанасов.

Се работело за позитивна мостра од ориз, по потекло од кочанско, произведен од увозен семенски материјал, како и за шницли и презли од соја, во кои со лабораториско испитување во Македонија е утврдено присуство на ГМО.

„Со членот 56 од Законот за безбедност на храна, регулиран беше начинот на производство и на ставање во промет на производи кои содржат ГМО. Со негово укинување се воведе забрана за производство и ставање во промет на ГМО до влез на Република Македонија во ЕУ“, изјави Атанасов во медиумите. Тој најави и дека Агенцијата ќе спроведува натамошни засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми во храната.

Маја Морачанин
Маја Морачанин

Потенцирајќи дека и ЕУ легислативата предвидува детални испитувања за евентуалните штетни последици по здравјето на луѓето, пред одобрување и пуштање во употреба ГМО, пратеничката Морачанин во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик повтори дека ставот на ДОМ е истоветен со ставот на сите зелени партии, движења и активисти низ светот.

„Сите ние сме против употребата на храната од генетски модифицирани организми, добиточна храна и семиња. Науката и во светот сѐ уште нема заземено конкретен став по однос на штетноста на ГМО по здравјето на луѓето и покрај дебатата во академските сфери во последните две-три децении, особено затоа што најголемиот број и од студиите се нарачани компаниите кои произведуваат ГМО - храна, добиточна храна и семиња, а тоа отвора прашања за нивната релевантост. Факт е дека ГМО производите се пренесуваа генетскиот материјал на начин кој не се одвива во природата, односно тоа се први на вештачки начин, па затоа е поправилен изразот генетски инженеринг, на микроорганизми, растенија, животни...“, изјави Морачанин за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG