Aмбасадорот на Република Македонија во САД, Зоран Јолевски ja истакна потребата од странски инвестиции на вториот ден од Eкономскиот форум на земјите од Југоисточна Европа, во организација на Центарот за трансатлански односи при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.
На собирот на учествуваат американски и европски бизнисмени, политичари и дипломати, Јолевски подвлече дека преку 92% од населението е согласно за важноста од инвестициите, како за Македонија, така и за регионот. Бизнис-климата во Македонија постојано се подобрува, беше категоричен Јолевски, а како владини
приоритети ги наведе натамошните реформи, образувањето на генерациите што доаѓаат и нула-толеранција за корупцијата. Македонија во моментов е насочена на развој базиран на инвестиции, но општествата треба да ги подготвиме и за развој базиран на иновации, потенцираше македонскиот амбасадор.Главниот говорник на денешната сесија, американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер истакна дека со демократизацијата на земјите од Југоисточна Европа, нивните жители имаат глас и удел во креирањето на подобра иднина и интеграција во Европа, за таа да биде целосна, слободна и во мир, што е и основата на американската надворешна политика кон овој дел од светот.
За целиот регион, токму стабилноста и напредокот се поврзуваат со интеграцијата или членството во ЕУ и НАТО. Политиката на САД била и ќе биде активна поддршка на овие земји за реализирање на нивните евроатлантски аспирации, рече Рикер
За Македонија, тој кажа дека мислел оти интеграцијата ќе заврши многу одамна, уште од крајот на 90-те години.
Во Букурешт тоа не се случи, заради спорот со Грција околу името. Веруваме дека постојат решенија, релативно едноставни решенија што ќе ја отстранат загриженоста од обете страни, рече вишиот дипломат.
Подвлекувајќи дека не постои вооружен конфликт меѓу Грција и Македонија, туку дека се работи за спор што треба да се реши преку лидерство на обете страни, Рикер коментираше:
„Имаме понудено идеи, ОН водат процес и би сакале да дојде до решение. Доколку, навистина, сакате да се вратите во историјата, македонското прашање ги мачеше не само луѓето во регионот, туку и пошироко во Европа. Веруваме дека имаме одговор на тоа прашање, со актуелната структура и постојните граници – тоа е одговорот“.Според Рикер, уште подобар одговор е сите земји од регионот да бидат целосно интегрирани во евроатлантските структури, без притоа да се оштети нечиј идентитет, историја или кревки емоции.
Рикер спорот го нарече мошне фрустрирачки за многумина.
„Сериозно ќе го земеме предвид и нема едноставно да гледаме други да наметнуваат решенија, бидејќи тоа нема да функционира“, истакна заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.