Линкови за пристапност

Матвијенко: За Русија, Македонија во НАТО е закана за безбедноста на регионот


Valentina Matviyenko for Macedonia
Valentina Matviyenko for Macedonia

Претседателката на горниот дом на рускиот Парламент, изјави дека приемот на Македонија и Црна Гора во НАТО може да го дестабилизира регионот. Премиерот Заев експресно реагираше со куса изјава – „На Македонија местото и` е во НАТО“

САРАЕВО - Валентина Матвијенко претседателката на Федералниот совет, Горниот дом на рускиот Парламент, предизвика дипломатски скандал злоупотребувајќи ја говорницата на босанскиот парламент. Во своето обраќање пред босанските парламентарци таа изјави дека „приемот на Црна Гора и Македонија во НАТО ја загрозува европската безбедност“ а западот „на сила“ ја примил Црна Гора во Алијансата и покрај тоа што повеќе од половината граѓани биле против. Во својот говор таа предупреди дека НАТО спроведува сличен експеримент и во Македонија и дека сака државата насила да ја вовлече во Алијансата.

„Неодамнешниот нелегален прием на Црна Гора во НАТО, практично се случи против волјата на половина од населението во земјата. Ова е најжестокото прекршување на основните принципи на современата демократија. Овој чекор води кон понатамошна дестабилизација на регионот и го поткопува системот на европската безбедност. Сега се обидуваат со еднакво опасен експеримент во Македонија“, рече Матвијенко.

Ова е втор пат официјална Москва да упати директни пораки и остри тонови околу влезот на Македонија во НАТО.

Кон средината на минатиот месец, непосредно по изборот на Владимир Путин за претседател, македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, беше повикан во руското МНР каде заменикот-министер за надворешни работи Александар Грушко му пренесе доста сериозна порака.

„На средбата беа разменети мислења за ситуацијата на Балканот. Од руска страна, беа подвлечени негативните последици за регионалната безбедност и билатералните односи од плановите за присоединување на Македонија во НАТО“, објави тогаш руското МНР.

Премиерот Заев експресно реагираше со куса изјава –

„На Македонија местото и` е во НАТО“.

Ситуацијата дополнително ескалираше кога Македонија се солидаризираше со ЕУ и НАТО и кон крајот на минатиот месец протера руски дипломат поради поврзаност со случајот Скрипл. Русија, како што најави одговори реципрочно и протера македонски дипломат.

Анкетите на јавното мислење во Македонија се` во спротивност на руските ставови и тврдења. Над 70 отсто од населението без разлика на етничката припадност и вероисповед, е за членство на Македонија во Алијансата.

Експертите се едногласни дека Русија нема никаков интерес во Македонија, а притисокот кој го врши е да се нанесе што е можно поголема штета на ЕУ и НАТО.

Западот и Европа од една страна се во мини-студена војна со Русија веќе неколку години наназад, па затоа се користи секоја можна прилика да се внесе конфузија и да се дестабилизира некој регион на сметка на противникот, смета дипломатот и професор по меѓународни односи и Денко Малевски.

„Иако Македонија не е од особена важност за Русија, штетите можат да бидат сериозни и Русија да ги оствари своите повисоки цели виза-ви западните сили“, вели Малевски.

Сличен став има и аналитичарот Петар Арсовски околу односите Скопје - Москва.

„Генерална стратегија на Русија е да ја комплицира ситуацијата во регионот. Таа има повеќе влијание во Грција и Србија отколку во Македонија. Затоа сега ги вклучи сите сериозни механизми. Партијата „Единствена Македонија“, и посетата на Дугин, не се коинциденција“, изјави Арсовски.

Политиката на притисоци на Русија може да има позитивен ефект кога станува збор за Македонија бидејќи може да го забрза процесот за влез во Алијансата како и спорот со името, како директен одговор на Западот на провокациите од Москва, сметаат експертите.

Заладувањето на односите меѓу Скопје и Москва траат подолг период и се поклопуваат со разврската на политичката криза и падот на Владата која ја предводеше ВМРО - ДПМНЕ и Никола Груевски. Официјална Москва, отворено застана на страната на Груевски и го обвини Западот за учество во политичката криза.

Покрај предупредувањето за Македонија, Матвијенко предизвика и негодувања од босанските парламентарци кога побара итно затварање на канцеларијата на Високиот претставник за Босна, кој го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот договор. Таа повика и на зголемување на автономијата на ентитетите во Босна и Херцеговина.

Валентина Матвијенко – Претседател на Федерацискиот совет на Руската Федерација оцени: „Русија цврсто стои зад и го подржува трансферот на органите на власта во Босна и Херцеговина врз ентитетите во оваа држава и високите претставници. Го подржуваме затварањето на институцијата Висок претставник за Босна најбрзо што може. Присуството на оваа протекторална улога не одговара на денешната реалност.“

Босанските пратеници обвинија дека Матвијенко го злоупотребила гостопримството и нејзиниот агресивен, непристоен и навредлив настап е само потврда за настојувањата на Москва да влијае врз регионот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG