Линкови за пристапност

Европските земји против распаѓање на договорот што ја запре Студената војна


Повеќето европски лидери не се согласуваат со намерите на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од договорот со Русија за контрола на нуклеарното оружје. Но, во исто време, тие го споделуваат ставот на Трамп дека Русија го прекршува договорот и бараат Кремљ да биде потранспарентен за новите проектили.

Најавите на американскиот претседател за раскинување на договорот од 1987 година, со којшто беа регулирани проектилите од среден дострел, создадоа стравувања дека светот повторно ќе се врати во времето на студената војна, со трка во нуклеарното вооружување.

Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон за време на неговата посета на Москва на почетокот од оваа недела пред медиумите истакна дека Вашингтон сè уште нема доставено официјална најава за повлекување од историскиот договор. Но, тој додаде е веројатно тоа да се случи.

Болтон подолго време го критикува договорот, истакнувајќи дека Русија го прекршила со развојот на новите проектили 9М729. Од руска страна, пак, се негира дека тие проектили се спротивни на одредбите од договореното.

Од европските земји најголема поддршка за САД во новата ситуација доаѓа од Велика Британија. Британскиот секретар за одбрана, Гавин Вилијамсон ја обвини Москва дека се подбива со договорот и го повика Кремљ да ги почитува договорените обврски.

„Секако, сакаме овој договор да остане, а тоа подразбира двете страни да бидат посветени. Но, во мигов едната од страните го игнорира“, вели Вилијамсон.

Другите европски земји, исто така ја укоруваат Русија за прекршување, но многу повеќе се на стојалиштето дека речиси тридеценискиот договор не треба да биде напуштен.

„Со тоа беше ставен крај на Студената војна. На светот не му е потребна нова трка во вооружување што наместо бенефит ќе донесе поголема нестабилност“, истакна шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

Француското министерство за надворешни работи, пак, упати апел до двете страни да се воздржат од какви било „унилатерални одлуки што би биле со несакан епилог“.

Се огласија и германските власти коишто предложија НАТО да се вклучи во спасувањето на договорот преку интензивни дипломатски напори. Од Берлин дојде и обвинување дека Кремљ носи голем дел од вината за намерата на САД да се повлечат од тоа што е договорено

„Фрустрацијата на САД не е неоснована. Но, тоа не значи дека нешто што е добро треба да се уништи поради нешто лошо“, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

Поранешниот американски претседател Роналд Реган и претседателот на некогашниот Советски Сојуз во 1987 година ставија потпис на договорот со кој неформално, беше ставен крај на студената војна и тогашната трка во оружје.

Со договорот САД и тогашниот СССР се откажаа од производство, чување и тестирање на нуклеарни проектили што имаат дострел меѓу 480 и 5.500 километри.

XS
SM
MD
LG