Пред пет години, Етиопија почна со изградбата на браната „Ренесанса“ на реката Нил, а соседните Египет и Судан, стравуваа дека проектот ќе го намали нивото на водата и потенцијално ќе го погоди земјоделството.
Засега нема договор од преговорите меѓу трите страни.
Египет беше нарекуван „дар од Нил“ од античкиот историчар Херодотус. Денес, 2000 години подоцна, Египет се соочува со критична закана од недостиг на вода.
Етиопија почна со изградбата на браната на својот дел од реката Нил во 2013-та. Како што наближува привршувањето на изградбата, Египет стравува дека браната може да и`го намали пристапот до вода, кој е договорен согласно меѓународната спогодба во 1929-та.
За време на посетата на етиопскиот главен град Адис Абеба од пред неколку години, египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, се обиде да ги смири страстите, но беше недвосмислен во загриженоста.
„Браната ќе и` помогне на Етиопија да се развива, но внимавајте дека и во Египет живеат луѓе чиј живот зависи од таа вода“, порача тој.
Експертите истакнаа дека загриженоста е оправдана.
„99% од водата во Египет доаѓа преку Нил и тоа се одразува врз земјоделство, индустријата, чистата вода за пиење. Египет е загрижен дека која било промена на нивото на водата во реката, може да се одрази негативно“, коментираат експерти.
Никој не може со прецизност да одговори колку новата брана ќе се одрази врз земјоделството на Египет или врз животот воопшто.
Во меѓувреме, продолжуваат преговорите за одржлив, траен договор. Министерот за надворешни работи на Египет Самех Шоукри, се сретна со египетски и судански официјални лица на самитот на Африканската Унија во Адис Абеба во јануари.
„Ако не биде постигнат договор меѓу трите страни, може да се одрази катастрофално, зашто има опасност голем дел од плодното земјиште во Египет да се уништи ако нема вода, со големи последици од сушата“, изјави Хишам Касим, египетски уредник и издавач.
Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, се закануваше и со војна и предупредуваше дека ќе ја уништи секоја брана што Етиопија планира да ја изгради. Но, аналитичарот Касем вели дека не е добра опција.
„Ако нема дипломатско решение и Египет се префрли кон армиска сила, тоа ќе биде најголем дипломатски неуспех во неговата историја, и ќе се одрази врз можноста да купува оружје“, додава тој.
Во меѓувреме, египетскиот претседател инсистира дека нема криза и дипломатските разговори продолжуваат.
Facebook Forum