Во мај лидерите на земјите-членки на НАТО ќе се состанат на годишниот Самит на Алијансата што годинава ќе се одржи во Чикаго. Она што недостасува на агендата е прашањето за проширување, стожерот на Алијансата, се наведува во написот на фондацијата Херитиџ со седиште во Вашингтон.
И покрај тоа што ги исполни сите потребни услови за интеграција, Македонија, заради спорот околу уставното име со Грција, е подложена на правото на Грција да стави вето, и унилатерално да ја попречи Македонија да напредува во процесот, вели Фондацијата Херитиџ во документот.
Грчкото вето се коси со одредбите на НАТО дека билатерални спорови не се пречка за одредена земја да стане дел од Алијансата. Херитиџ наведува дека Меѓународниот суд за правда во Хаг минатиот декември се изјасни дека грчкото вето е отворено кршење на Времената спогодба на ОН од 1995-та година, со која Атина се согласи да не се меша во наприте на Македонија за интеграција во Европа. И покрај ова, статусот на Македонија како земја аспирант и натаму е непроменет, стои во написот на фондацијата.
Македонија нема моќ да ја повика Грција да седне на преговарачаката маса. Грција е членка на НАТО, а внатрешната политичка динамика на Атина се чини дека ќе го одолговлечи преговарачкиот процес. Неодамнешните обиди на Скопје да допре до грчката влада за изнаоѓање на решение, завршија неуспешно со оглед на фактот шти Грција во моментов е преокупирана со процесот на формирање на нова влада и опасностите од колапс на нејзината економија. Сепак, вели Херитиџ, ова не е изговор за одолговлекување. Грција ја доведе во опасност политиката на НАТО за отворени врати и треба да соработува со Македонија кон изнаоѓање на решение, стои во најновата анализа на фондацијата Херитиџ.