Дали Русија ја загуби битката за ширење на влијанието врз Северна Македонија? За Мирче Адамчески долгогодишен дописник од Москва и добар познавач на односите меѓу двете држави, на Русија и` е јасно дека намерата за спречување на земјава да влезе во НАТО е загубена.
„И самиот факт што Русија го призна пред извесно време новото име на Република Северна Македонија зборува дека не може да преземе нови чекори. Мислам дека Русија сфати дека на долг рок ќе биде губитник и тоа што го работеше последните две - три години мислам дека повеќе беше знак да му се даде на знаење на Запад, дека не се согласува“, коментира Мирче Адамчески, новинар и поранешен известувач од Москва.
Флоријан Бибер професор на Универзитетот во Грац, Австрија за Гласот на Америка вели дека опасноста од Русија за влијание во Северна Македонија е веќе минато: „Русија се спротивставуваше на промената на името поради влезот во НАТО. Но, Русија и` не вложуваше толку многу енергија за решавање на таа битка во Северна Македонија како во Србија бидејќи овде немаше партнер со иста мера. Затоа, мислам дека најлошото помина, иако тоа не значи дека таа нема да се обиде да се меша во внатрешната политичка ориентација на земјата. Но, можностите сега се многу ограничени“, коментира Бибер.
За Адамчески, признавањето на новото име на државата од страна на официјална Москва, кое се случи неодамна е признавање на реалноста.
За Бибер, пак, Москва го признала новото име бидејки немала друг избор. Според него, прашање на време е официјалното пристапување на Северна Македонија во Алијансата, но оти е тешко да се каже кога би можела да стане членка на ЕУ, иако реално, вели, тоа може да случи околу 2020 година.
„Од почетокот на преговорите до крајот на преговорите поминуваат минимум пет, шест, па и седум години , а потоа следува ратификација. Значи најкраткиот период е за осум-девет години, но под услов се да помине без проблеми, а потребни се и сериозни преговори од двете страни“, коментира Флоријан Бибер, универзитетски професор од Грац, Австрија.
Бибер додава дека би било коректно поради договорот со Грција, Северма Македонија во јуни да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Facebook Forum