Линкови за пристапност

Болката е иста на сите јазици


Со 14 цветови врз заедничката гробница, со полевање на засадените борчиња, и со по 14 колачиња и парчиња алва, со присуство на муслимански свештеник, пред нивниот заеднички споменик, хуманистката Ленче Здравкин ја одбележа годишнината од трагичната смрт на 14 бегалци, во бегалската криза во 2015

Македонските власти дури во август 2015-тата, прогласија кризна состојба поради ескалацијата на бегалската криза. Иако, според објавените податоци, уште од 2014-тата до 2017 година, над милион и пол имигранти ги поминале македонските граници, трагајќи по подобра иднина. Со одлука на Собранието, кризната состојба на северната и на јужната граница на земјата, траеше до крајот на 2017, со променлив интензитет, но ситуацијата на меѓуграничниот простор на јужната граница беше најнапната токму во 2015, особено до средината на јуни кога со закон беа предвидени можности за престој и трансфер на бегалците.

​Дотогаш, тие се снаоѓаа како знаеја и умееја, неретко и со услуги на криминални групи коишто скапо им го наплаќаа транспортот низ Македонија. Тензиите поради приливот на бегалци кои преку Турција и Грција, доаѓаа од воените подрачја во Сирија и Авганистан, но и од Иран, Пакистан и од други земји со воени дејствија или со минимални можности за достоинствен живот, создаваа и хаотични состојби на железничката станица во Гевгелија, а обидите на илјадниците бегалци и мигранти да го пробијат кордонот на железничкиот граничен премин на македонско – грчката граница, реакциите на полициските сили, солзавецот и повредените лица, се објавуваа во ударните термини и на насловните страници во странските медиуми... Но, и пред тоа, додека македонската јавност сè уште не беше информирана што всушност се случуува на патиштата и пругите, бегалците со купени велосипеди, па дури и пеш, се обидуваа да стигнат до македонско-српската граница, а дел од странските новинари, нивното маченичко патешествие го именуваа и како „Tour de Macedoine”

Во тој период, најприсутна Македонка во светските медиуми беше велешанката Ленче Здравкин, хуманистка која светските медиуми ја нарекуваа „жената од пругата“ и „ангелот на бегалците“, која ширум им ги отвори вратите на својот дом на бегалците, вложувајќи максимум напори да им помогне да го продлжат патот кон сонуваната посреќна иднина. Но, и покрај сите нејзини напори и заложбите на активистите за човекови права, несреќите зачестуваа.

​Жртви на железничките несреќи во 2015-та, на ударита на воз во движење - беа несреќните бегалци и мигранти, на кои токму пругите им беа главна насочница по рутата на очајниците, од југ кон север. На 23 април 2015, по ударот на локомотива во група од триесеттина бегалци, четринаесет од нив, засекогаш останаа во Македонија. Државата која сакаа да ја поминат што побргу, на својата одисеја кон Западна Европа, пред сè, кон толку посакуваните Германија и скандинавските земји. Меѓу загинатите имаше и деца.

Сите беа погребани неколку дена подоцна, во зеленилото, покрај христијанските гробишта во селото Раштани, покрај Велес за во април 2016, да биде поставена и едноставната спомен плоча на која на арапски и на англиски јазик е запишано: „Дајте им добра вест на трпеливите. Оние кои кога несреќата ќе ги погоди, велат: ‘Ние навистина му припаѓаме на Алах, и навистина ќе му се вратиме’".

По страотната несреќа во која возот прегази 14 бегалци кои во група се движеле по пругата, Здравкин, со поддршка на своето семејство, следната 2016-та, успешно ја спроведе својата иницијатива за поставување на спомен-обележје над заедничката гробница. И оттогаш, секоја година во овој период, со присуство на муслимански свештеник, го одбележува денот на нивното загинување.

Така, оџата Ердал Фетинов, и денеска, пред споменикот над заедничката гробница, во делот на селските гробишта во Раштани, кој е предвиден за вечен дом на муслиманските верници, ја одржа „молитвата за душа на загинатите бегалци“, читајќи од Светата книга.

Пред четири години, тој и оџата Сејфедин Селимовски биле вклучени и во погребувањето на посмртните останки на жртвите на најголемата несреќа на бегалците на македонските пруги.

Роднини на загинатите во посета на местото на несреќата во 2018 година
Роднини на загинатите во посета на местото на несреќата во 2018 година

Семејства на бегалци кои се сомневаат или имаат податоци дека нивни роднини се закопани во заедничката гробница, доаѓаат во Велес. За Гласот на Америка на македонски јазик, возбудената Здравкин, денеска изјави дека во септември минатата година, петмина роднини на тројца загинати бегалци, десетина денови престојувале во Велес. По потврдата на идентитетот добиена од извршената анализа, тие ги посетиле и местото на несреќата и спомен-плочата во Раштани.

„Не се разбиравме, ама за да ги споделиме чувствата и не моравме да си ги знаеме јазиците. Двете мајки собираа камења од пругата и ризла од гробницата... Болката и солзите секој ги разбира, не е неопходно знаење на јазикот на несреќните луѓе...“, изјави Здравкин за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG