Линкови за пристапност

Владата подготвува нов закон за медиуми


Интервју со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески

Глас на Америка: Која е целта на законот и што, конкретно, треба да регулира?

Миле Јанакиески: Сo донесувањето на новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, влезот на нелинеарните медиумски услуги - видео по барање („video оn demand“), добиените забелешки во извештаите на ЕК, а имајќи ја предвид и потребата од зголемување на транспарентноста во работењето на другите медиумски услуги (печат и електронски публикации), се наметна реална потреба од усогласување на македонското законодавство со европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, со препораките и стандардите на Советот на Европа, како и со препораките на Европската Комисија, нотирани во извештајот за напредокот на Република Македонија.

Со овој процес на усогласување и подобрување на легислативата, треба да се уредат условите за остварување на начелата за слобода на медиумите, правата и обврските на издавачите на медиуми, правата на новинарите и другите учесници во јавното информирање, работата на регулаторното тело, работата на јавниот сервис, како и други прашања што се однесуваат на медиумските услуги. Дополнително, усогласувањето треба да биде во насока на регулација на дистрибуција на програмски пакети преку комуникациски мрежи.

Усогласувањето не треба да регулира: услуги што пред се`, се нестопански и што не се во конкуренција со радио или телевизиското емитување, како што се приватните Интернет-страници и услуги што се состојат од обезбедување или дистрибуција на аудиовизуелна содржина создадена од приватни корисници за споделување и размена во рамки на заедници од интерес; Интернет-страници што содржат аудиовизуелни содржини само на помошен начин, како што се анимирани графички елементи, куси рекламни спотови или информации поврзани со некој производ или неаудиовизуелна услуга; игрите на среќа што вклучуваат паричен влог, вклучително и лотарии, обложување и други форми на услуги за коцкање, како и онлајн игри и пребарувачи, но не и емитувањата посветени на коцкање или игри на среќа.

Во моментов се работи на можните законски решенија со кои ќе се направи потребното усогласување со европската директива, вградување на препораките на Советот на Европа, како и законски подобрувања за надминување на одредени недостатоци во спроведувањето на актуелното законско решение.

Во оваа насока, добивме поддршка и од страна на Европската комисија преку инструментот TAIEX во форма на експертска помош која треба да придонесе за надминување на недостатоците во актуелното законодавство и да понуди механизми за негова соодветна и целосна примена, а со цел да се избегнат пречките кои влијаат врз работењето и развојот на медиумскиот сектор, потоа соодветно адресирање на препораките на Европската комисија како и вградување на препораките и стандардите на Советот на Европа.

Сакам да нагласам дека основен предуслов, за да добиеме ефективно и соодветно законско решение кое ќе биде општо прифатено, е транспарентност на целата процедура, широки јавни дебати и вклучување на сите заинтересирани страни. Од овие причини, особено ни е важно и ќе се залагаме предлогот што ќе произлезе од наша страна да помине низ процес на широки јавни консултации, со цел истиот да се надогради но и да ги рефлектира досегашните позитивни искуства од примената на актуелната регулатива, земајќи ги предвид контекстот и специфичниот развој на медиумскиот сектор во Република Македонија.

Со влегувањето во сила на евентуално ново законско решение, би престанал да важи постојниот Закон за радиодифузната дејност.

Глас на Америка: Која е потребата да се донесе таков закон?

Миле Јанакиески: Постојниот Закон за радиодифузната дејност ја регулира радиодифузијата во Република Македонија (линеарните медиумски услуги) и истиот е усогласен со Директивата телевизија без граници. За регулација на услугите видео по барање (нелинеарни медиумски услуги), ЕУ ја усвои Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги.

Ние, како земја-кандидат за членство во ЕУ имаме обврска да се усогласиме со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Направени се анализи на постојното законско решение за радиодифузна дејност при што се воочени одредени слабости при неговата примена. Исто така, земени се предвид и препораките за Советот на Европа, а кои се однесуваат на промовирање на транспарентност во работењето на медиумите, особено во делот на печатените медиуми. Дополнително, предвид се земени и препораките на Европската Комисија, нотирани во извештајот за напредокот на Република Македонија.

Направена е и анализа на законодавството од државите во регионот како Словенија и Хрватска, односно Законот за мас медиуми на Р. Словенија, Законот за медиуми, Законот за електронски медиуми и Законот за ХРТ на Република Хрватска, а беа земени предвид и новите закони за аудиовизуелни услуги на Црна Гора и Романија.

Глас на Америка: Што е тоа што Владата треба да го реализира за да ги исполни задачите предвидени со агендата на политичкиот дијалог на високо ниво со ЕК во областа на медиумите?

Миле Јанакиески: Стратешки приоритет на Владата на Република Македонија е полноправното членство на нашата земја во Европската унија. Во процесот на реформи кои се неопходни за интегрирање на Македонија во ЕУ, слободата на изразување и независноста на медиумите е висок приоритет на оваа Влада, што се потврдува и со вклучувањето на оваа област во Предпристапниот дијалог на високо ниво, како нов механизам кој се воведува во односите меѓу Република Македонија и Европската Унија.

Акцент се става на доследно спроведување на Законот за радиодифузна дејност од страна на регулаторот во однос на сопствеништвото на медиумите и во оваа насока разгледуваме решенија.

Наша заедничка цел е да се води отворен дијалог за состојбите на медиумите во Република Македонија и пошироко, како и за можните начини за промовирање на културата на дебатирање, слободата на изразување и независни медиуми, преку согледување на добрите практики во Европа.

Глас на Америка: Дали сметате дека Советот за радиодифузија ефикасно ги извршува своите надлежности?

Миле Јанакиески: Неблагодарно е да се коментира работењето на Советот за радиодифузија бидејќи станува збор за независно регулаторно тело кое за својата работа поднесува извештај до Собранието на Република Македонија.

Во однос на усогласувањето со Директивата, можам да кажам дека треба да се дополнат и допрецизираат одредбите од постојниот Закон за радиодифузната дејност кои се однесуваат на регулаторното тело, а особено во однос на името, надлежностите, одржувањето на седниците, одговорноста за работата, транспарентноста во работата, влијанието на јавноста, како и составот и надлежностите на стручната служба на регулаторното тело.

Со усогласувањето треба точно да се утврдат мерките кои регулаторното тело може да ги преземе во случај на повреда на прописите со што да не му се остава можност на регулаторното тело субјективно да одлучи дали и која мерка ќе ја преземе према одреден медиум.

Исто така, а во насока на транспарентност и заштита од субјективизам, треба да се воведе обврска на регулаторното тело јавно да ги објавува преземените мерки.

Со усогласување на македонското законодавство со европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, со препораките и стандардите на Советот на Европа, како и со препораките на Европската Комисија, треба да се утврди дека за обезбедување на телевизиско или радио емитување (линерани медиумски услуги), радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови, коишто регулаторното тело, по претходно добиено мислење од Агенцијата за електронски комуникации и другите надлежни институции, детално ќе ги пропише со подзаконски акт.

Глас на Америка: Како ја оценувате работата на јавиот радио и ТВ-сервис? Дали се потребни реформи кои ќе обезбедат негово функционирање според европските стандарди? Постојат ли механизми кои ја гарантираат независноста на уредувачката политика на јавниот сервис и оневозможувањето на политичките влијанија во неговата работа?

Миле Јанакиески: Република Македонија треба да го регулира работењето на МРТ како јавен радиодифузен сервис согласно препораките и стандардите за работа на еден јавен радиодифузен сервис на Советот на Европа. Со евентуалните измени, целта е да се постигне јавен сервис којшто во целост ќе ја исполнува својата статутарна обврска во остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ и согласно позитивните европски стандарди.

Притоа ги имаме предвид и препораките на Европската Комисија како и европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Во оваа насока разгледуваме решенија кои би ги дополниле и допрецизирале одредбите од постојниот Закон за радиодифузната дејност, а кои се однесуваат на одговорност, отчетност и обезбедување влијание на јавноста во работата на МРТ, програмски обврски на МРТ, професионални стандарди и начела во работата на МРТ, како и одредби со кои јасно ќе се допрезицираат и разграничат надлежностите на органите на МРТ согласно препораките за јавните радиодифузни сервиси на Советот на Европа.

XS
SM
MD
LG