Линкови за пристапност

Слободата на медиумите како предизвик за интеграцијата на Македонија во ЕУ


Се очекува предпристапниот дијалог на владата со ЕУ, како и оној со Здружението на новинари, до семптември да ја промени состојбата.

Една од петте точки во агендата на политичкиот дијалог на високо ниво што Владата на Република Македонија го започна со Европската комисија на 15-ти март е слободата на медиумите - тема што беше изложена на критика, како во двата последни годишни извештаи на ЕК за напредокот, така и од повеќе меѓународни организации. Според агендата усогласена во политичкиот дијалог од страна на премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување Штефан Филе, до септември би требало да се преземат мерки кои ќе ја унапредат слободата на медиумите како една од клучните демократски придобивки.

Во тек е дијалог меѓу работни групи на Владата и Здружението на новинарите на Македонија.

„Во процесот на реформи кои се неопходни за интегрирање на Македонија во ЕУ, слободата на изразување и независноста на медиумите е висок приоритет на оваа Влада, што се потврдува и со вклучувањето на оваа област во Предпристапниот дијалог на високо ниво, како нов механизам кој се воведува во односите меѓу Република Македонија и Европската унија.

Акцент се става на доследно спроведување на Законот за радиодифузна дејност од страна на регулаторот во однос на сопствеништвото на медиумите и во оваа насока разгледуваме решенија.

Наша заедничка цел е да се води отворен дијалог за состојбите на медиумите во Република Македонија и пошироко, како и за можните начини за промовирање на културата на дебатирање, слободата на изразување и независни медиуми, преку согледување на добрите практики во Европа“, вели во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Во агендата на овие разговори кои започнаа лани во септември се дефинираа повеќе теми. Претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани вели дека во досегашниот дијалог се постигнати два конкретни резултати.

„Владата покажа подготвеност за декриминализација на клеветата и навредата и заложба целосно да се спроведе Законот за радиодифузија, посебно членот 11 кој спречува носители на јавни функции да бидат сопственици на медиуми. Имаме заклучок на Работната група на Владата и ЗНМ дека Советот за радиодифузија треба целосно да го спроведе Законот за радиодифузна дејност, а Советот неодамна донесе одлука со која им даде рок на радиодифузерите да се усогласат со законот или, во спротивно, ќе им бидат одземени лиценците за работа“, изјави Селмани за Гласот на Америка на македонски.

Сепак, Селмани се жали дака конкретните резултати уште не се финализирани и дека се доцни со исполнувањето на договорените работи.

„Примената на законите и декриминализацијата требаше да се затвори до крајот на март. Ние сме сега кон крајот на април, и, за жал, уште не може да ја затвориме темата за декриминализацијата поради различните ставови на ЗНМ и Владата околу висината и надоместот за нематеријалната штета за клевета и навреда“, наведува Селмани.

Претседателот на Здружението на новинарите смета дека е добро што Владата се согласила на дијалог со ЗНМ и дека на тој начин ги признава проблемите во сферата на слободата на медиумите. Сепак, вели Селмани, „вистинската политичка волја на владата ќе може да ја процениме ако се согласи на компромис околу штетата на надоместокот за клевета и навреда, по што би можеле да преминеме и на другите точки од дијалогот“.

Тема на дијалогот е и функционирањето на Советот за радиодифузија, како и на Јавиот радиотелевизиски сервис, МРТВ.

За реформите во Советот за радиодифузија, министерот Јанакиески вели: „Во однос на усогласувањето со Директивата, можам да кажам дека треба да се дополнат и допрецизираат одредбите од постојниот Закон за радиодифузната дејност кои се однесуваат на регулаторното тело, а особено во однос на името, надлежностите, одржувањето на седниците, одговорноста за работата, транспарентноста во работата, влијанието на јавноста, како и составот и надлежностите на стручната служба на регулаторното тело.

Со усогласувањето треба точно да се утврдат мерките кои регулаторното тело може да ги преземе во случај на повреда на прописите со што да не му се остава можност на регулаторното тело субјективно да одлучи дали и која мерка ќе ја преземе према одреден медиум“.

Зоран Стефановски, кој се` до неодамна беше претседател на ова регулаторно тело, има поинакво мислење. Според него, Советот е обремент со политички влијанија. Стефановски вели дека Советот не бил во можност да го санкционира и спречи растечкиот говор на омразата во медиумите.

„Говорот на омраза прво не е строго дефиниран во Законот за РД, потоа Советот се` потешко го препознава, бидејќи е воден од партиски интереси, и, конечно, бидејќи тој говор најчесто го протежираат владините мегафони, за кои знаеме дека имаат неограничена моќ и права“ ни изјави Зоран Стефановски. Тој во разговорот за Гласот на Америка на макеоднски изразува сомнежи во волјата на Владата да стори нешто за да се подобри состојбата со слободата на медиумите.

„Политичката власт во РМ пласира полувистини во однос на ова прашање. Затворањето на водечки медиуми, упадот во регулаторното тело и негова партизација, фингираниот дијалог за декриминализација на клеветата, сопственоста на медиумите од страна на водечки функционери од власта, говорат дека за слободата на медиумите во РМ не е потребен дијалог, туку интервенција од страна на ЕУ“, вели Стефановски.

Тема на дијалогот меѓу владата и ЗНМ треба да биде и функционирањето на јавниот сервис, кого експертската јавност го критикува дека не е во функција на интересите на граѓаните, туку на владејачките партии.

„Изгледите МРТВ да стане вистински јавен сервис во оваа консталација на политички односи се практично минимални. Според содржините во информативната програма, според раководната структура, и, конечно, според времето посветено на владините кампањи, јавниот сервис во моментов е обичен владин Пи-Ар“, вели поранешниот прв човек на Советот за радиодифузија, Зоран Стефановски.

Министерот Јанакиески ја уважува потребата од реформи во јавниот сервис.

„Република Македонија треба да го регулира работењето на МРТ како јавен радиодифузен сервис согласно препораките и стандардите за работа на еден јавен радиодифузен сервис на Советот на Европа. Со евентуалните измени, целта е да се постигне јавен сервис којшто во целост ќе ја исполнува својата статутарна обврска во остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ и согласно позитивните европски стандарди.

Притоа ги имаме предвид и препораките на Европската Комисија како и европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги. Во оваа насока разгледуваме решенија кои би ги дополниле и допрецизирале одредбите од постојниот Закон за радиодифузната дејност, а кои се однесуваат на одговорност, отчетност и обезбедување влијание на јавноста во работата на МРТ, програмски обврски на МРТ, професионални стандарди и начела во работата на МРТ, како и одредби со кои јасно ќе се допрезицираат и разграничат надлежностите на органите на МРТ согласно препораките за јавните радиодифузни сервиси на Советот на Европа“, вели Јанакиески.

Преговорите меѓу владата и ЗНМ продолжуваат, како и предпристапниот дијалог на владата со ЕК. Кон средината на мај, комесарот за проширување Штефан Филе повторно ќе ја посети Македонија, кога ќе биде одржана и втората рунда разговори со владата. Од ЕК очекуваат дека дотогаш Владата ќе ги дефинира сите мерки, за до септември во Македонија да се обезбеди слобода на медиумите, неопходна за земјата да ја сочува препораката за почеток на преговори за членство во ЕУ.

XS
SM
MD
LG