Линкови за пристапност

Најави за засилување на бегалскиот бран


Раздвижувањето во регионот и најавените избори повторно го актуелизираат прашањето на бегалците и мигрантите во Македонија

Според информацијата која на барање на Гласот на Америка на македонски јазик денеска ја испрати Центарот за управување со кризи, ситуацијата со бегалците и мигрантите, во пограничните делови и на северната и на јужната македонска граница, е - главно мирна. Припадниците на МВР се редовно ангажирани на теренот, како и војниците од дел од единиците на АРСМ, кои врз основа на одлуката на претседателот на државата и според плановите за нивниот ангажман, ги извршуваат задачите за поддршка на полицијата за справување со кризната состојба.

За една седмица, во периодот од 9 до 16 јануари се регистрирани 624 мигранти кои нелегално влегле на македонска територија, но во Привремениот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија, на македонско-грчката граница, во истиот период биле сместени само 9 мигранти (8 од Авганистан и еден од Иран), а во Привремениот центар „Табановце“ на македонско-српската граница - 49 мигранти (21 од Авганистан, 19 од Мароко, 4 од Пакистан, 2 од Палестина и по еден од Индија Алжир и Египет. Во Прифатниот центар во Визбегово се сместени 79 лица – баратели на азил.

Но, вчера, според податоците на регионалните центри за управување со кризи во Гевгелија и Куманово, во двата центра, биле сместени само двајца во „Винојуг“, односно, 31 бегалец-мигрант во „Табановце“.

Сепак, ситуацијата на теренот, во внатрешноста на државата е поинаква, а медиумските извештаи и полициските соопштенија и понатаму сведочат за речиси непрекинато движење на бегалскиот бран и за секојдневни обиди на шверцерските групи за криумчарење на бегалци и мигранти, од југ кон север.

Неделава, полициски службеници од СВР Струмица го уапсиле Б.А. (29) од Арачиново, откако на регионален пат во струмичко, при преглед на товарното возило кое го управувал, биле пронајдени 36 мигранти (21 од Сирија, девет од Авганистан, тројца од Пакистан, двајца од Ирак и еден од Камерун).

Не стивнуваат ни обидите за шверцување на луѓе со теретните возови од Грција кон Србија: 62 мигранти биле откриени при контрола на два товарни воза на железничката станица во Гевгелија. Во првиот воз, македонски, австриски и чешки полицајци пронашле 42 мигранти од кои 38 од Мароко и по двајца од Сирија и од Алжир, а истата вечер, во друг товарен воз, биле пронајдени уште 20 мигранти (8 од Пакистан, 7 од Авганистан, тројца од Мароко и двајца од Алжир).

Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје поднел обвинителен акт против германски државјанин и италијанска државјанка, по потекло од Гана, кои на почетокот на годинава, како соизвршители сториле кривично дело Криумчарење на мигранти од користољубие откако по претходен договор, илегално пренеле тројца мигранти преку државната граница, обезбедувајќи им и холандска, шведска и германска лична карта. Мигрантите им платиле по 500 евра, и се обврзале дека по пристигнувањето во Австрија ќе доплатат уште по 1.000 евра.

Во декември минатата година покрај Битола беа уапсени тројца Кубанци, кои нелегално ја поминале македонско-грчката граница, а уште тројца нивни сонародници, се запрени на самата гранична линија. Биле уапсени и лицето М.О.(41) од скопско Зелениково, во чие товарно возило полицијата пронашла 30 лица мигранти, 20 Авганистанци и еден Пакистанец, лицето Т.П. (20) од струмичко Муртино кој превезувал девет мигранти од Сирија, како и лицето З.А. (22) и уште четири лица, македонски државјани, кои поради обид за криумчарење на мигранти се предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија.

Случаи на апсења на возачи на товарни возила имаше и во ноември, како на пример, 47-годишниот скопјанец кој превезувал 12 мигранти од Авганистан, на автопатот Табановце – Куманово или возачот на камионот со бугарски таблички кој превезувал 25 мигранти, но излетал од патот Свети Николе – Куманово, при пто сите мигранти (15 државјани на Авганистан, девет на Пакистан и еден од Ирак, од кои седумина биле малолетни лица), биле повредени.

Македонските медиуми, редовно ги објавуваат и сториите за бегалците од целиот регион и за криумчањето луѓе како вносен бизнис, како вчерашниот настан во Албанија, каде полицијата открила група од 38 имигранти од Иран и од Ирак, кои илегално влегле во државата од Грција, за да се обидат преку Црна Гора да дојдат до Хрватска и другите држави во ЕУ. Инаку, контролата долж албанско-грчката граница, покрај албанските, од мај минатата година ја спроведуваат и 66 полицајци од 12 земји членки на ЕУ, припадници на Европската агенција за гранична безбедност. Во изминатиот период беше објавена и веста дека хрватската канцеларија за спречување корупција и организиран криминал почнала истрага против седумина македонски и двајца хрватски државјани под сомнение дека организирале нелегално преминување на 166 странски државјани преку хрватските граници со БиХ и со Словенија, во 19 нелегални преминувања, во периодот од април до октомври 2019.

Медиумите ги следат и случувањата во регонот во поглед на бегалската криза. Неделава, грчката Влада соопшти дека наместо одделот на Министерството за цивилна заштита, отсега миграциската политика ќе ја спроведува ново Министерство за миграција и азил, дека се планира затворање на претрупаните бегалски кампови на грчките острови во кои се сместени 40.000 лица, и преместување на бегалците во центри за прифаќање во централниот дел на државата Според грчките медиуми, Владата очекува дека годинава околу 100.000 мигранти од Турција ќе се упатат кон грчките острови, и затоа се најавува засилено чување на границите и со ангажирање на војската, со возила и термички камери и спроведување на новиот закон, со кој ќе се враќаат во Турција лицата кои немаат меѓународна заштита. Од друга страна, турските власти уште во декември најавија дека Европската унија би требало да одвои над шест милијарди евра за сириските бегалци во Турција и да го забрза приливот на пари, за да се запре понатамошна имиграција во Европа.

Со оглед на развојот на ситуацијата во регионот, и на парламентарните избори во Република Северна Македонија во април, може да се очекува дека, според досегашните искуства, зачестените информации, но и спиновите, лажните вести за бегалците-мигрантите и манипулациите, повторно ќе бидат една од жешките теми во предизборната кампања.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG