Линкови за пристапност

Притвор е притвор, но пратеничка плата ќе си тече


Шестмината пратеници остануваат на платниот список на Собранието се до правосилност на пресудата

СКОПЈЕ - Експертите сметаат дека привилегиите мора да се ограничат бидејќи народните избраници се плаќаат и кога не доаѓаат на работа и кога го бојкотираат парламентот

Но, шестмината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата на кои им беше одреден притвор ќе продолжат да добиваат плата се додека не бидат прогласени за виновни и осудени на затворска казна повисока од пет години. Тие во моментот се осомничени за тешки дела против државата, обвинителниот акт допрва треба да се поднесе, да се оцени и потоа да се закаже старт на судскиот процес кој може да трае со месеци. Доколку пратениците бидат осудени тие имаат право на жалба до повисоките судски инстанци, што значи дека правосилноста на пресудата се одлага и понатаму.

„Јас мислам дека ќе бидат на платниот список до крај на четиригодишниот мандат“, смета професорот по уставно право, Борче Давитковски.

Пратениците кои со сигурност во наредните 30 дена нема да присуствуваат на ниту една седница во Собранието без никаков проблем ќе ја добијат декемвриската плата од околу 60 илјади денари.

Ова е ситуација која за прв пат се јавува и не е предвидена во ниту еден пропис закон или регулатива и затоа ќе се решава во од, велат од Собранието.

„Тие си имаат редовен работен однос склучен со Собранието. Одземањето на имунитетот нема никаква врска со прекин на мандатот. За предвремено прекинување потребно е тие да бидат осудени на затворска казна. Пресумпцијата на невиност важи за сите, тие сега се осомничени“, изјави Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на РМ.

За Давитковски, клучот лежи кај спикерот Џафери кој мора да пресече, не само во случајот со шестмината пратеници туку и со сите отсуства на народните избраници кои со години се толерираат.

„Ние сме богата држава. Плаќаме и за неработење и за отсуство. Пратениците се привилегирани и само за нив важат посебни закони и уредби. Нема правни механизми за заштита. Сведоци сме на разни злоупотреби кога станува збор за финансиите. Ако се сака се` може, но во овој случај јас мислам дека не е така“, вели Давитковски.

Сличен став има и професорот Темелко Ристевски, а приоритет се итни измени за регулативите кои се однесуваат на пратениците кои, според него, ја користат јавната функција за лично богатење.

„Пратениците се привилегирани на многу начини. Треба да работиш за да бидеш платен. Владата вети дека ќе ги врати парите на граѓаните. Враќање на парите е и спречување на непотребно и незаконско одлевање на средствата собрани од даночните обврзници. Морална одговорност и евентуални оставки не можеме да очекуваме од пратениците. Затоа мора веднаш да се пристапи кои измена на законските регулативи кои се однесуваат на платите и надоместоците на народните избраници“, изјави Ристевски.

И Ристевски смета дека самиот процес кој евентуално може да резултира со пресува против осомничените пратеници ќе трае долго и дотогаш тие ќе бидат на државна смета и издршка.

Доколку против шестмината пратеници биде поднесен обвинителен акт тие ќе се товарат за терористичко загрозување на државниот поредок, односно за тешки дела против државата, и токму затоа е парадоксално тие да бидат на платниот список на државата.

Двајцата професори предупредуваат дека притворот не е единствениот случај на злоупотреба на финансиите од страна на пратениците.

„Пратениците од СДСМ речиси две години го бојкотираа работењето на Парламентот, а уредно добиваа плата и ја подигаа“, прецизира Давитковски и повторува дека решението е кај спикерот, но истовремено ја истакнува и солидарноста меѓу пратениците кога станува збор за плати и надоместоци.

Јавно достапните официјални документи од Собранието, како и истражувања на новинари, покажуваат дека неколку пратеници во својот четиригодишен мандат се појавиле на дузина седници, ниту еднаш не зеле збор или учествувале во дискусија, но секој месец биле уредно исплатени од државниот буџет.

Според последниот извештај на „ мој пратеник“ кој се однесува на периодот од јануари до јуни 2016 година а кој е поставен на сајтот на Собранието, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бил на вкупно 4 од одржаните 69 седници во тие шест месеци, 64 пати го оправдал своето отсуство и добил „еден неоправдан“.

Народните избраници кои ги носат законите, очигледно успеале добро да ги постават законите и прописите кои се однесуваат на нивното работење и присуство, а кои се срочени во собранискиот Деловник во членовите 29 до 32.

Пратеникот е должен да присуствува на собраниска седница, а ако не е во можност мора да го извести спикерот до почетокот на седницата.

Доколку не го извести добива „неоправдан“ а спикерот е должен да го опомене пратеникот по „три последователни неоправдани“. За секое натамошно неоправдано отсуство пратеникот, добива опомена и 5% намалување на платата.

Досега не е познато во јавноста дека некој пратеник во Македонија бил казнет, опоменат или на крајот на месецот, добил намален личен доход.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG