Линкови за пристапност

САД покренаа обвиненија против двајца ирански хакери


Двајцата биле вмешани во кибернетски криминал за изнудување средства од фирми

Во првиот случај од ваков вид, американскиот Оддел за правда најави покренување обвинителни акти против двајца наводни ирански кибернетски хакери коишто со помош на компјутерски вируси влегувале во компјтерски мрежи на американски општини, болници други организации и при разработена шема „извлекле“ милиони долари од жртвите.

34-годишниот Фарамаз Шахи Саванди и 27-годишниот Мохамед Мехди Сах Мансори се обвинуваат дека креирале и распоредиле софистициран вирус познат како SamSam Ransomware, кој преземал кодирани податоци од компјутерските мрежи од повеќе од 200 организации и други погодени во САД и Канада. Саванди и Мансори потоа уценувале да им бидат исплатени голема сума од виртуелната валута биткоин во замена за кодираните информации.

Севкупно, двајцата наводно примиле повеќе од шест милиони долари од изнудувањето. Официјални лица не ги именуваа жртвите коишто платиле. Другите жртви кои што не платиле на уценувањата, имаат штета од повеќе од 30 милиони долари од кодираните податоци.

Меѓу „хакираните жртви“ има државни агенции, локални влади и болници, вклучувајќи го градот Атланта, општината Њуворк, пристаништето Сан Диего, Универзитетот Калгари во Канада, и многу други според обвинителните акти од 26 страници.

Заменикот главен обвинител на САД Род Росенштајн ги објави обвинителните акти против Санди и Мансори. Двајцата жители на Техеран и натаму се во бегство и се ставени на листата на најбарани криминалци на ФБИ. Официјални лица велат дека двајцата, засега, немаат поврзаност со иранската влада.

Хакирањето, и потоа уценувањето траело речиси три години. Почнало во 2016-та. Истрагата почнала откако се пожалиле првите жртви.

Неодамнешните месеци, американското обвинителство покрена обвиненија против бројни ирански хакери, некои од нив со врски со иранската влада, за кибернетскиот криминал.

Изнудување финансиски средства за тајни деловни информации стана омилена алатка за кибернетските криминалци изминатите години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG