Линкови за пристапност

Бременоста е “ризичен“ потег за развојот на кариерата на жените во Македонија


„Бариерите со кои се соочуваат жените на пазарот на труд на Западниот Балкан се структурни и рефлектираат распространета родово-базирана дискриминација“, се вели во Извештајот презентиран во Брисел

„’Дали сте мажена?’, ‘Дали имате деца?’ ‘Дали планирате да имате деца?’ се чести прашања на интервју за работа во земјите од Западен Балкан. Дури 74% од испитаничките од Република Северна Македонија кои имале барем едно интервју за работа во последните десет години, се соочиле со вакви или слични прашања, неповрзани со нивните професионални компетенции или работно искуство. Mнозинството изјавиле дека биле дискриминирани при вработување, на секоја трета во некој период од последните 10 години ѝ било побарано да работи без договор за вработување, речиси половина или 47% имаат искусено сексуално вознемирување на работното место, а на секоја петта испитаничка, од оние кои имале искуство со бременост додека биле вработени, ѝ било прекршено правото за платено породилно отсуство“, се вели во изјавата која на барање на Гласот на Америка на македонски јазик ја испрати непрофитната истражувачка организација „Реактор - истражување во акција“.

Организацијата е посветена на поддржување на процесот на европска интеграција на РСМ, преку обезбедување навремени и релевантни истражувања, предлози за алтернативни политики основани на истражувања и активно работење со заедницата на политички актери.

„Реактор“ учествуваше во изготвувањето на Извештајот „Родово базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“ што минатата недела беше презентиран во Брисел, а кој „дава компаративна анализа на релевантните правни рамки и ги сумира искуствата на блиску 5 000 учесници во анкетата која се реализираше во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора“.

„Искуствата на жените од Македонија и регионот зборуваат дека правото се крши или директно - кога работодавците ги отпуштаат работничките, штом ќе дознаат дека се бремени – или индиректно, кога на бремените работнички не им се продолжуваат договорите за вработување кои се склучени на определено време“
(Реактор)


„Бариерите со кои се соочуваат жените на пазарот на труд се структурни и рефлектираат распространета родово-базирана дискриминација, покажува истражувањето на шест граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост во сите шест земји“, пишува во одговорот до Гласот на Америка на организацијата „Реактор“, чии истражувачи Васка Лешоска, Снешка Илиќ, Билјана Котевска, Марија Башевска, Блажен Малески и Тања Малеска се автори на македонскиот дел од извештајот „ Родово базирана дискрииинација и работнички права во Северна Македонија“

„Иако правната рамка во сите шест земји од Западен Балкан гарантира платено мајчинско отсуство, истражувањето покажува дека прекршувањето на ова право е една од најфлагрантните форми на родово-базирана дискриминација на пазарот на труд. Искуствата на жените од Македонија и регионот зборуваат дека правото се крши или директно - кога работодавците ги отпуштаат работничките, штом ќе дознаат дека се бремени – или индиректно, кога на бремените работнички не им се продолжуваат договорите за вработување кои се склучени на определено време“, се вели во дописот.

Од „Реактор“ потецираат дека „родово-базираната дискриминација на пазарот на труд е широко распространета, но многу е мал бројот на пријавени случаи, а институциите сѐ уште не водат родово разделена статистика за повредите од областа на работните односи. Од учесничките во испитувањето во Р.С. Македонија, дури 84% не го пријавиле во ниту една институција доживеаното искуство со родово-базирана дискриминација на работното место или при вработување. Работничките и работниците не се осмелуваат да бараат заштита затоа што не се запознаени со сложените административни процедури, преку кои се третира дискриминацијата, се плашат од реперкусии од работодавците, не веруваат во институциите, и конечно, не можат да си ги дозволат скапите и долги судски постапки. Надлежните институции и работничките синдикати треба да ги зајакнат работничките права и да го олеснат пристапот до механизмите кои се правно загарантирани за заштита од дискриминација“, потенцираат од „Реактор“

„Бидејќи во македонското општество бременоста сѐ уште е ‘ризичен’ кариерен потег и грижата за децата сѐ уште е ‘ексклузивна’ одговорност на жените, РСМ треба да работи на воведување на политики кои ќе ја намалат родово-базираната дискриминација и ќе го подобрат пристапот на жените до пазарот на труд. Во новиот Закон за работните односи треба да се воведат одредби кои ќе им оневозможат на работодавците да ги злоупотребуваат договорите на определено време за ‘отпуштање’ на бремените работнички и одредби кои промовираат споделено родителско отсуство, со кои ќе се препознае одговорноста за рана грижа за децата како споделено право и обврска и на мажите и на жените“, е еден од заклучоците на Извештајот на „Реактор“

Од „Реактор“ потенцираат и дека според официјалната државна статистика, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст во РСМ се економски неактивни и исклучени од пазарот на труд, затоа што не се вработени, ниту се регистрирани во Агенцијата за вработување како активни барателки на работа. Разликата меѓу стапките на вработеност на жените и мажите во Македонија е континуирано висока и според официјалната статистика е непроменета во последните 20 години! Според последно достапните податоци, вработени се 35% од жените, споредено со 54% од мажите. Од земјите во регионот, поголема нееднаквоста споредбено меѓу жените и мажите има единствено во Косово, каде стапката на вработеност на жените изнесува 11%, а кај мажите 39%.

Студијата „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Западен Балкан“, е изработена од коалиција на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост (Kosovo Women’s Network од Косово, Реактор - Истражување во акција од Северна Македонија, Gender Alliance for Development Centre од Албанија, Helsinki Citizens’ Assembly Banja Luka од Босна и Херцеговина, Women’s Rights Centre од Црна Гора и Фондацијата Kvinna till Kvinna од Шведска преку својата канцеларија во Србија) и подддржана од Европската унија и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), како дел од поширока регионална иницијатива за борба против родово-базираната дискриминација и унапредување на работничките права на жените.

Извештајот од истражувањето содржи бројни препораки за институциите од Западен Балкан, како и за ЕУ, на повеќе теми, вклучително и за усвојување и имплементација на реформи против родово-базирана дискриминација, подобрени пристапи за следење на состојбите и континуирана поддршка за организации кои се борат за женските права.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG