Линкови за пристапност

Дали Оланд може да ја подобри француската економија?


Новоизбраниот француски претседател сака Европа да промовира растеж, а не мерки за штедење.

Откако стивна прославата, новиот претседател на Франција Франсоа Оланд се соочува со големи предизвици.

Обраќајќи се пред илјадници симпатизери по изборната победа над конзервативниот претседател Никола Саркози неделата, Оланд вети правда, еднаквост и подобра иднина за младите во Франција, најави поголеми даноци за богатите и инвестиции во образованието и рече дека сака Европа да промовира растеж, а не мерки за штедење за да се надмине финансиската криза.

Но, многумина стравуваат дали 57-годишниот социјалист е вистинскиот избор за функцијата. Оланд е во политичките кругови со години, меѓутоа неговите вештини не беа ставени на искушение во тешки економски времиња. Националниот долг и невработеноста во Франција се на високо ниво, а економијата бележи незначителен раст.

„Никој не знае точно со каков капацитет Оланд ќе излезе во јавноста за да се соочи со огромните економски проблеми и да се справи справи со функцијата претседател на Франција“, наведува политичкиот аналитичар Бруно Кутрес.

Тој додава дека, сепак, Оланд изненадил многумина кога на претседателската кампања звучел претседателски и оставил впечаток дека е подготвен да се справи со тешки прашања.

„Франсоа Оланд се претстави како човек кој може да ја смири сета лутина кај францускиот народ поради економската криза, да го смири стравот дека ќе ја загубиме социјалната заштита и безбедност за кои сме мошне приврзани“, коментора Кутрес.

На улиците на Париз, симпатизерите на Оланд, како 24-годишната студентка Луиза Таити, се пресреќни заради неговата победа.

Таити истакнува дека француската левица чекала 20 години на претседател од Социјалистичката партија. За време на мандатот на Саркози, вели таа, имало економска неизвесност, а народот имал проблеми да врзе крај со крај.

Но, 33-годишниот бизнисмен Хуан Пабло Варгас е загрижен за иднината.

„Преокупирани сме со Франција и со Европа, особено бидејќи не сме сигурни дали Германија ќе продолжи да финансира се`, дали Оланд ќе донесе темелни фискални промени во земјата. Се плашам дека Франција ќе се изолира од Германија. Доколку се случи така, то би бил крај на ЕУ, а тоа за никого нема да биде добро“, размислува Варгас.

Оланд најавува дека планира да издејствува договор за фискална дисциплина меѓу 25 од 27-те земји-членки на Унијата, вклучувајќи ја финансиската велесила Германија. По инаугурацијата, Оланд идната недела треба да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел која дефинитивно ја поддржува буџетската дисциплина.

Економистот Томас Михалски од француската бизнис школа Хек го гледа повикот на Оланд за економски растеж како клучно прашање и во други европски земји, во време на се` поголеми протести против мерките за штедење.

„Оланд е мошне мудар човек. Тој е прецизен во тоа што го говори. Тој не сака повторно да преговара за фискалниот договор. Тој сака да го модифицира и да го комплетира преку договор за економски развој. Токму тука може да наиде на заеднички јазик со канцеларката Меркел“, смета Михалски.

Економистот, сепак, заклучува дека социјалистичкиот лидер ветува премногу, како за Франција, така и за Европа.

„Оланд не може да троши повеќе од она што се троши, не може да печати нови пари. Проблемот со неговата политика е што краткорочно може да ја врати буџетската рамнотежа, но никако не можам да видам како ќе стимулира долгорочен растеж за Франција“, вели Михалски.

Во многу нешта, наведува стручњакот, политичката иднина на новиот претседател на Франција нема да зависи од начинот на кој ја води политиката, туку и од надворешните фактори. Доколку дојде до опоравување на економијата, Оланд може и да ги исполни своите ветувања, а доколку не се случи тоа, може да го снајде истата судбина како и неговиот претходник, Никола Саркози.

XS
SM
MD
LG