Линкови за пристапност

Жените се срамат да пријавуваат семејно насилство


Во 2018 во Македонија се регистрирани 1.006 кривични дела за семејно насилство, а во првите 10 месеци од годинава, 864 жени биле жртви на семејно насилство. Минатата година се регистрирани 640, а годинава - 429 случаи на нанесени телесни повреди врз жени-жртви

Неколкукратно е зголемен буџетот за превенција и заштита од семејно насилство беше потенцирано на јавната расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието, чија тема беше имплементацијата на постојниот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и детектирање на неговите слабости. За давателите на услуги во 2019 година се предвидени 6,4 милиони денари, додека во 2017 година биле предвиден само милион денари.

Медиумите ја пренесоа изјавата на претставничката од Министерството за труд и социјална политика Софија Спасовска, која во поздравното обраќање истакна дека „во 2018 година Северна Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција, по што го усвои Акцискиот план за нејзино спроведување за период до 2023 година. Тука се предвидени конкретни активности, а посебен фокус во имплементацијата на Акцискиот план е во националната легислатива и развивање на специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство... Имаме кризен центар во Скопје со престој од 24 до 48 часа, СОС линија, пет специјализирани сервиси за жртви на семејно насилство, а годинава согласно Акцискиот план, се воспоставени осум сервиси во планските региони“.

Активистката Светлана Станојковска, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцира дека „прва забелешка од сите присутни на расправата е за незаинтересираност на медиумите за оваа проблематика, која е општествен проблем. И покрај тоа што Законот за семејно насилство е донесен во 2015, тој тешко се имплементира . На хартија сè добро срочено и законот е добар, но праксата не го покажува тоа . Праксата покажува дека сите инволвирани институции не функционираат координирано, како што е пропишано со законот…“

Минатата година биле едуцирани и 300 раководители и полициски службеници, а се планира и обука на припадниците на МВР и на кандидатите за полицајци за родово сензитивно постапување со жените-жртви на семејното насилство, како и зголемен ангажман на надлежните институции. Но, според дел од активистките, иако се направени позитивни чекори во заштитата на жените-жртви на семејно насилство, Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сè уште не обезбедува сеопфатна заштита, пристапни и достапни сервиси за жените, без разлика дали живеат во урбани или рурални средини.

Според Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, пак, жените не се ни доволно информирани за правата што ги имаат и за институциите кои треба да им обезбедување на заштитата, На расправата е наведено и дека жените-жртви сè уште се срамат да ги пријавуваат сторителите и дека имаат проблеми во комуникацијата со центрите за социјална работа.

„Од МВР посочија дека имале обука на 300 лица кои ќе можат да работат со жртвите на семејно насилство Меѓутоа, оваа бројка е мала за целата територија на државата . Исто така, здравствените работници имаат пријавено многу мал, дури незначителен процент на жртви на семејно насилство и се поставува прашањето дали не го препознаваат семејното насилство, или не сакаат да пријавуваат!.Има мал број на шелтер-центри на цела територија на државава, дали во нив има 35 легла... Се напомена и дека треба институциите да работат и со сторителите на семејното насилство… Секако, ма уште многу многу да се работи на оваа проблематика. Според невладиниот сектор, бројката на жртви од семејно насилство е многу поголема, особено во руралните средини, каде жените не го препознаваат семејното насилство и живеат во духот на традицијата.. Особено, ниско образованите жени. Во пораст е психичкото насилство кое тешко се докажува а жртвата за цел живот е трауматизирана...А треба, да се потенцира дека жртвите трпат и економско и сексуално насилство, кое многу малку жени го пријавуваат“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, активистката Станојковска.

На јавната расправа, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство изјави дека „жените не се чувствуваат сигурни, немаат доверба во институциите, а начелото на интност во постапувањето на институциите - генерално не се почитува. Тоа доведува до потешки форми на насилство и затоа најголемиот број пријавени случаи се физичко насилство“.

Според МИА; Софија Спасовска од МТСП, изјавила дека постои напредок и со новиот Закон за социјална заштита, кој овозможува и граѓанските организации да бидат даватали на услуги, Розалита Дојчиновска потенцирала дека е подобрен системот на превенција и заштита на жртви од семејно насилство, а резидентниот координатор на ОН во Македонија, Росана Дуџак, ги навела податоците според кои, една од три жени во земјава е жртва на семејно насилство, најчесто од мажите кои ги сакаат или со кои живеат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG