Линкови за пристапност

Прашањето со бугарската блокада - едно од клучните на Самитот ЕУ - Западен Балкан


Самит ЕУ - Западен Балкан во Словенија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Самит ЕУ - Западен Балкан во Словенија

По завршувањето на двете средби, бугарскиот претседател во настапот пред медиумите објасни дека се разговарало за неколку теми и јасно ги исцрта барањата, кои ги нарече 5+1 прашање, со кои Софија ја условува деблокадата.

Прашањето на отстранување на бугарската блокада на евроинтеграциите беше едно од клучните на Самитот ЕУ-Западен Балкан. Имаше дури две рунди разговори меѓу македонската и бугарската делегација во Брдо кај Крањ – првата во присуство на врвот на Европската унија и комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен.... Втората со учество на најзначајните европски лидери – германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон...

По завршувањето на двете средби, бугарскиот претседател во настапот пред медиумите објасни дека се разговарало за неколку теми и јасно ги исцрта барањата, кои ги нарече 5+1 прашање, со кои Софија ја условува деблокадата.

Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство.
Радев, претседател на Бугарија


„Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен – се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Потоа, македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите 7 народи наведени во Уставот на Северна Македонија и тоа треба да биде јасно кажано. Второ, македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. Трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мулти перспективно толкување.“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Премиерот Заев повика на изнаоѓање решенија, во европски дух, за билатералните спорови кои, како што рече, влечат корени од минатото.

Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решение, не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век. До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи.
Заев, премиер на Северна Македонија


„Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори. Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решение, не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век. До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања.“, оцени Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.

Европските дипломати најавуваат посветеност за надминување на ситуацијата. Во настапите не споменаа рокови за решавање на проблемот со бугарската блокада.

„Европската комисија интензивно работи на утврдување на клучните прашања во билатералните теми меѓу Бугарија и С Македонија. Тоа се 5+1 прашање и да се осигураме нив да ги ставиме во патоказ за да има практични чекори напред за решавање на проблемите. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан – мојата Комисија ќе продолжи да прави се што може за напредок во проширувањето и интеграцијата на регионот во ЕУ.“ , изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК.

Во Декларацијата што произлезе од Самитот повторена е поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, но истовремено се наведува дека во процесот предвид треба да се има и на апсорпцискиот капацитет на Унијата. Во документот се нотира и дека спроведувањето на Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија останува значајно.

XS
SM
MD
LG