Линкови за пристапност

Ниту со алтернативно образование нема еднакви плати за мажите и жените во САД


За бројни генерации Американци високото образование беше можност за добивање добра и солидно платена работа. Но, образованието во изминатите 30 години стана многу скапо и веќе нема гаранции дека универзитетската диплома ќе води кон плата што ќе биде доволна за одржување семејство.

Од тие причини голем дел од младите се одлучуваат на други форми за едукација и обуки. Тоа се образовни програми што нудат сертификати и друг вид документи што ја потврдуваат способноста на лицата за вршење бројни професии, од градежништво, до здравство. Воедно, тие можат да се завршат и за пократко време.

Работодавците и натаму преферираат лица со класични факултетски дипломи, но на пазарот веќе се нудат бројни добро платени позиции за коишто се бараат специјализирани познавања што се добиваат на кусите едукативни програми.

Сепак, ново истражување покажува дека од овие програми многу повеќе корист имаат мажите отколку жените.

Одделот за едукација на САД во 2016 година почна да прибира податоци за работните искуства поврзани со специјализираните курсеви и обуки. Резултатите од истражувањето беа објавени годинава.

Според податоците, 27 проценти од возрасното население во САД има најмалку еден сертификат од тој тип обуки. Тие што ги имаат таквите дипломи, можат полесно да се вработат, во однос на тие што немаат. Притоа, не се земени во предвид лицата што имаат дипломи од високо образование.

Но, групацијата за јавни истражувања, „Њу Америка“ увидела дека иако бројот на мажи и жени што ги имаат тие дипломи е еднаков, половиот третман не е ист. Мажите со сертификати многу полесно добиваат ангажман, отколку жените со истата едукација.

Односот е 74 проценти во корист за мажите, наспрема 67 проценти жени што добиле вработување, а поминале низ иста или слична образовна програма.

Во однос на платите, пак, жените што наместо високо образование имаат само сертификати од поминати обуки, заработуваат помалку од 30.000 долари годишно. Кога станува збор за мажите со истото ниво на едукација, 25% од нив ги имаат истите плати како и жените. Но, 17% успеваат да стигнат и до заработуваат поголеми од 75.000 долари годишно. Само пет отсто од жените со слично ниво на образование земаат толку висока плата.

Според Лул Тесфаи, од истражувачкиот центар на „Њу Америка“, оваа разлика се појавува поради честата родова поделба на работните места. Така, инженерството и компјутерските технологии се професии со машка доминација, додека во канцелариските дејности доминираат жените.

Тесфаи укажува дека платите на жените се пониски и поради културолошките разлики. Таа вели дека младите мажи се често втурнати во кариери што ја вреднуваат самостојноста, лидерството, па дури и психофизичката сила. Според Тесфаи, општеството им укажува на жените дека нивната улога е повеќе да бидат поддршка за други отколку да работат врз развој на сопствените цели.

„Не е случајно што жените се најбројни во дејности што подразбираат грижа кон другите, како што се здравството и образованието“.

Бен Вилијамс, шеф во Националната алијанса за образование и партнерство, којашто вложува напори за родова еднаквост, вели дека истражувањата укажуваат на сериозни проблеми.

Вилијамс вели дека експертите многу често ги форсираат кусите едукативни програми како поевтина алтернатива за високото образование. Но, додава дека на жените треба да им се каже дека таквите дипломи, освен што се поевтини, водат и кон пониски плати во однос на мажите.

„Кога зборуваме за работни позиции, мислиме на тие што водат кон примања доволни за одржување семејство. Кога една жена нема таква работа, тогаш тоа не влијае само врз неа, туку врз целото нејзино семејство“, вели Вилијамс.

Вилијамс и Тесфаи се согласни дека едукаторите треба да им укажат на жените дека можат да се обучуваат во секоја дејност, а не само за професии што подразбираат грижа и услуги.

XS
SM
MD
LG