Форд, Џенерал моторс и Крајслер со владина помош од банкрот се вратија на профит – дали тоа ќе биде од пресудно значење - кој ќе биде заокружен на гласачкото ливче на претседателските избори? Ова е најчесто поставуваното прашање кога станува збор за политиката и автомобилската индустрија.
На саемите за автомобили во САД доминираат модели на гигантите од Детроит. Се вратија на сцената, поконкурентни.
Демократскиот конгресмен Џон Дингл, кој го претставува Детроит, вели владината помош спасила работни места:
„И` помогнавме на автоиндустријата да мине низ тежок период. Таа е важна индустриска гранка за САД затоа што создава едно на секои седум работни места. Таа е богатство што го посакува секоја земја во светот“, коментира конгресменот.
Дингл очекува претседателот Обама ова да го истакне во кампањата за реизбор. Од друга страна, поранешниот гувернер на Масачусетс, Мит Ромни, но и останатите републикански претнденти за претседателските избори ги критикуваат владините заеми од милијарди долари за автокомпаниите.
Ромни е син на поранешен гувернер на Мичиген и директор во авто-индустријата. Ставот против владините заеми нема да му донесе поддршка од гласачите, коментира професорот по економија Брус Пјетриковски од Универзитетот на Мичиген.
„Граѓаните ќе анализираат - што би сторил тој доколку е претседател. Со оглед дека тој не би ја поддржал автоиндустријата, тоа ќе ги одврати да гласаат за него“, вели Пјетриковски.
Претседателот на Синдикатот на автомобилски работници Џорџ Мекгрегор го поддржува претседателот Обама и му порачува да ја искористи успешната приказна од Детроит во кампањата за реизбор.
„Тој се` уште не го искористил тоа за реизбор во Мичиген, но ние ќе го искористиме тоа за него“, најавува Мекгрегор.
Поддршката, или нејзиниот недостаток, веќе е видлива во анкетите пред прелиминарните избори во Мичиген на 28-ми февруари. Мит Ромни заостанува зад останатиот републиканскиот противкандидат, поранешниот сенатор Рик Санторум.